Анализи
АНАЛИЗА: Ќе успеат ли банките и трговците со потрошувачки кредити да ги вратат купувачите во продавниците?


Како никогаш досега комерцијалните банки во земјава се натпреваруваат меѓусебно со снижување на каматните стапки на потрошувачките кредити, а трговците со акции со снижени цени со цел да привлечат што повеќе клиенти.
Нивото на каматите на потрошувачките кредити е убедливо на најниско ниво досега – фиксните каматни стапки за првите година до три од отплатата на кредитот паднаа и до 4,3%, а за остатокот од периодот на отплата најниските камати се движат и во распонот од 6,2% до 6,5%. Од друга страна, пак, трговските субјекти на неделно ниво бомбардираат со акциски понуди со попусти од 40%, 50, 60%…
Банкарство.мк истражува дали овие примамливи понуди на банките и трговците ќе успеат да ги натераат граѓаните да се вратат во продавниците и да почнат да трошат пари за електронска опрема, апарати за домаќинство, мебел и друг вид опрема за домот и за лични потреби, како што тоа го правеле во 2019 година, односно пред почетокот на Covid-кризата. Доколку не се случи тоа, и 2021 година за трговците ќе биде катастрофална, како што беше 2020 година, кога имаат значителен пад на продажбата.
Прогнозите не се оптимистички бидејќи состојбите на терен не се сјајни. Граѓаните сѐ уште се под притисок на Covid-кризата и не се опуштаат со непотребни трошоци и инвестиции. Исто така, голем дел од населението се соочува и со финансиска криза поради неисплатени плати или отпуштање од работа.
Што нудат банките?
Од актуелната понуда на банките во земјава може да се забележи дека стандардните потрошувачки кредити (кои не се условени со хипотека или користење друг вид финансиски производ или услуга) имаат најниска каматна стапка од 4,7% до 5% фиксна за првите две години и променлива за остатокот од периодот на отплата. Повисоките фиксни каматни стапки се движат од 5,7% до 7,5% годишно. По истекувањето на периодот со фиксна каматна стапка, банките пресметуваат променлива камата, која ќе се менува согласно промената на референтните каматни стапки. Во моментот, променливите каматни стапки за потрошувачки кредити се движат од 6,15% до 9,5%.
Притоа, мора да се забележи дека каматните стапки се пониски за клиентите кои ја добиваат платата или пензијата на сметка во банката од која бараат и потрошувачки кредит.
Во превод овие каматни стапки значат дека кога еден граѓанин би земал потрошувачки кредит во износ од 500.000 денари со рок на отплата од пет години, месечно за отплата на кредитот во периодот на фиксна каматна стапка ќе треба да издвојува од 9.379 денари до 10.020 денари месечно. За останатиот период ќе треба да плаќа од 9.600 до 10.500 денари месечно зависно кој кредит и од која банка ќе го земе.
Класични потрошувачки кредити
Банка | Кредит | Каматни стапки |
Централна кооперативна банка | Кредитен пакет Доверба | 4,5% фиксна за 3 години, 5,8% променлива за останат период* |
Комерцијална банка | Потрошувачки кредит до 30.000 евра со евро клаузула | 4,7% фиксна за 3 години, 5,7% променлива за останат период* |
Уни банка | Потрошувачки кредит | 4,75% фиксна за 2 години* |
Капитал банка | Супер потрошувачки кредит | 4,77% фиксна за 1 година, 7,77% променлива за останат период* |
ТТК банка | СМАРТ ненаменски потрошувачки кредит | 4,95% фиксна за 1 година, 7,38% променлива за останат период* |
Комерцијална банка | Потрошувачки кредит до 1.500.000 денари | 5% фискна за 2 години, 6,15% променлива за останат период |
Охридска банка | Лесен кеш кредит (2+8) | 5% фиксна за 2 години, 6% променлива за останат период |
Шпаркасе банка | Супер С ненаменски потрошувачки кредит | 5% фиксна за 2 години, 6% променлива за останат период* |
Охридска банка | Лесен кеш кредит (4+6) | 5,5% фиксна за 4 години, 6,55% променлива за останат период |
НЛБ банка | Виолетов кредит | 5,5% фиксна за 3 години, 6,31% променлива за останат период |
НЛБ банка | Сребрен кредит за пензионери | 5,5% фиксна за 3 години, 6,31% променлива за останат период* |
Силк Роуд Банка | Потрошувачки кредит | 5,5% фиксна за 2 години, 6,99% променлива за останат период* |
Централна кооперативна банка | Стандарден потрошувачки кредит | 5,5% фиксна за 1 година, 7,6% променлива за останат период* |
Халкбанк | Потрошувачки кредит за пензионери | 5,5% променлива |
ТТК банка | Ненаменски потрошувачки кредит | 5,9% фиксна за 1 година, 8,38% променлива за останат период* |
Капитал банка | Супер 5 кредит | 5,96% фиксна за 1 година, 8,96% променлива за останат период* |
Прокредит банка | Зелен кредит за инвестиции во домот | 6% фиксна |
НЛБ банка | НЛБ Брз кредит | 6,31% променлива* |
НЛБ банка | НЛБ мКлик кредит | 6,31% променлива* |
Стопанска банка АД – Скопје | Потрошувачки кредит до 1.500.000 денари | 6,63% променлива* |
НЛБ банка | Потрошувачки кредит | 7,31% променлива |
Стопанска банка а.д. Битола | Ненаменски потрошувачки денарски кредит | 7,5% фиксна за 1 година, променлива за останат период* |
Извор: веб страни на банките
*Каматните стапки се однесуваат на клиенти кои примаат плата или пензија преку истата банка
Многу честа пракса на банките во последно време е да нудат потрошувачки кредити кои се врзани со користење на други финансиски продукти, поради што добиваат поатрактивни каматни стапки. Вообичаени се кредитите обезбедени со депозит, кои убедливо имаат најниски каматни стапки затоа што се и најмалку ризични. Но, од скоро банките нудат потрошувачки кредити кои во пакетот содржат некаков вид осигурување (животно, осигурување од незгода) или пак кредитни и дебитни картички.
Потрошувачки кредити врзани со други производи и услуги
Банка | Кредит | Каматни стапки |
Комерцијална банка | Кредит врз основа на залог на депозит | 2% фиксна |
Стопанска банка АД – Скопје | Потрошувачки обезбеден кредит | 1,9-2 п.п. маргина над каматната стапка на депозитот |
НЛБ банка | Кредит обезбеден со 100% депозит | 2% фиксна каматна маргина над износот на каматна стапка на депозитот |
Халкбанк | Кредит со денарски депозит | 2% каматна маргина на каматна стапка на депозитот |
Шпаркасе банка | Кредит со депозит | 2,5% + каматна стапка на орочен депозит |
Охридска банка | Кеш кредит со 100% депозит | 2,5% + каматна стапка на депозит |
Централна кооперативна банка | Кредит обезбеден со паричен денарски депозит | 2,5 п.п. повисока од каматната стапка на депозитот |
Капитал банка | Потрошувачки кредит со депозит | 2,99% + каматна стапка на депозит |
Стопанска банка а.д. Битола | Пакет со девизна клаузула | 4,7% фиксна за 3 години, променлива за останат период |
ТТК банка | СМАРТ потрошувачки кредит со Ризико животно осигурување | 4,95% фиксна за 1 година, 7,38% променлива за останат период* |
Стопанска банка а.д. Битола | Пакет 6 | 4,99% фиксна во 1 година, 5,5% фиксна во 2 година, променлива за останат период |
Стопанска банка а.д. Битола | Пакет од 3 производи | 4,99% фиксна во 1 година, 7,5% фиксна во 2 и 3 година, променлива за останат период |
Стопанска банка а.д. Битола | Пакет 5 | 4,99% фиксна за 1 година, променлива за останат период |
Шпаркасе банка | S Plus ненаменски потрошувачки кредит со животно осигурување | 5% фиксна за 2 години, 6% променлива за останат период |
Шпаркасе банка | Потрошувачки кредит со животно осигурување | 5,2% фиксна за 2 години, 6% променлива за останат период |
Халк банка | Потрошувачки кредит со полиса од незгода | 5,5% фиксна за 1 година, 6,5% променлива за останат период |
Стопанска банка а.д. Битола | Потрошувачки пакет со ризико осигурување | 5,8% фиксна за 2 години, променлива за останат период |
ТТК банка | Ненаменски потрошувачки кредит со Ризико животно осигурување | 5,9% фиксна за 1 година, 8,38% променлива за останат период* |
Извор: веб страни на банките
*Каматните стапки се однесуваат на клиенти кои примаат плата или пензија преку истата банка
Исто така, во понудата на банките во земјава се среќаваат и потрошувачки или ненаменски кредити обезбедени со хипотека, чии каматни стапки се движат приближно колку и тие на стандардните потрошувачки кредити, но разликата е што овие кредити даваат можност за обезбедување поголем износ на финансиски средства.
Потрошувачки кредити со хипотека
Банка | Кредит | Каматни стапки |
Стопанска банка АД – Скопје | Потрошувачки обезбеден кредит за опремување | 3,2% фиксна за 5 години, 6,17% променлива за останат период* |
Халкбанк | Хипотекарен кредит | 3,5% фиксна за 3 месеци, 5,5% + 6 месечен Еурибор за останат период* |
Централна кооперативна банка | Нов хипотекарен кредит | 3,9% фиксна за 4 години, 5,4% променлива за останат период |
НЛБ банка | Хипотекарен кредит | 4,15% променлива* |
Стопанска банка АД – Скопје | Потрошувачки обезбеден кредит | 4,5% фиксна за 3 години, 6,48% променлива за останат период* |
Охридска банка | Кеш хипотекарен кредит | 4,5% фиксна за 3 години, 5,6% + 6 месечен ЕУРИБОР за останат период* |
ТТК банка | Хипотекарен кредит со Ризико животно осигурување | 4,7% фиксна за 3 години, 5,38% променлива за останат период* |
Силк Роуд Банка | Потрошувачки хипотекарен кредит во ЕУР | 5% фиксна за 3 години, 6,45% променлива за останат период* |
УНИ банка | Хипотекарен кредит | 5,4% фиксна за 4 години, 6,86% променлива за останат период* |
Шпаркасе банка | Хипотекарен кредит | 5,5% фиксна за 1 година, 8% променлива за останат период |
Капитал банка | Хипотекарен кредит во МКД | 7% фиксна за 1 година, 7% променлива за останат период |
Извор: веб страни на банките
*Каматните стапки се однесуваат на клиенти кои примаат плата или пензија преку истата банка
Што покажуваат податоците за потрошувачката на граѓаните?
И официјалните статистички податоци покажуваат дека потрошувачката на населението сѐ уште стагнира. Според последните статистички податоци објавени од Народната банка на Република Северна Македонија, нивото на потрошувачки кредити во цел банкарски сектор во февруари бележи минимален месечен раст од 0,6%, додека годишниот раст изнесува 6%. Потрошувачките кредити заеднос со станбените се доминантни во вкупно одобрените кредити на физички лица, а во февруари вкупниот обем на потрошувачки кредити изнесува 98,601 милијарди денари (1,6 милијарди евра).
Гувернерката Анита Ангеловска-Бежовска во последното интервју на Алсат телевизија истакна дека Народната банка за изминативе месеци забележува зголемена побарувачка на станбените кредити на сметка на останатите кредитни понуди.
„Согласно последно расположливите податоци, кредитирањето на населението продолжува со солидна стапка, но забавена, околу 7 проценти, а најголем раст во рамки на кредитирањето на населението бележат станбените кредити, некаде околу 13%. Се гледа одредена промена во структурата“, рече гувернерката Бежовска.
Податоците на Државниот завод за статистика се уште попоразителни. Во трговијата на мало со непрехранбени продукти (без гориво) во текот на 2020 година има континуиран пад од над 10%. За разлика од 2019 година, кога трговијата на мало со непрехранбени продукти секој месец бележи раст, од 2,5% во февруари до 24,1% во декември истата година (споредено со декември 2018), во 2020 година трендот е обратен. Во првите два месеци од годината, потрошувачката се одржува и бележи раст од 8,5% во јануари, односно 9,7% во февруари. Но, веќе во март, кога започна пандемијата со вирусот Covid-19, граѓаните почнуваат да се воздржуваат од трошење. Трговијата на мало со непрехранбени производи во март лани регистрира пад од дури 13,1%. Во јуни и јули падот во потрошувачката е помал (3,5%, односно 6,8%), но веќе во наредните месеци следува поголема криза, која во декември, традиционално најдобриот месец за трговците поради новогодишните празници, завршува со пад во трговијата од дури 16%.
Извор: Државен завод за статистика на Република Северна Македонија
Трговците се обидуваат да се вратат на нивото на продажба барем од пред Covid-кризата. Во 2019 година, официјалните статистички податоци покажуваат дека најголем промет е остварен во трговијата на мало со електрични апарати за домаќинство (195,3 милиони евра). Потоа следуваат трговијата на мало со компјутери, периферни единици и софтвер (81,6 милиони евра), со мебел (73,6 милиони евра), санитарна опрема (53,7 милиони евра), керамичка и друга опрема за домот (47,5 милиони евра) и со аудио и видео опрема (36,1 милион евра). За 2020 година податоците сѐ уште не се објавени од страна на Државниот завод за статистика.
Рамка
Кои се причините поради кои може да не се остварат очекувањата на трговците за поголема продажба?
- Бројот на невработени во земјава во февруари е зголемен за 51% на годишно ниво;
- Голем дел од компаниите имаат проблем да им исплатат плати на вработените поради намалени приходи;
- Иселениците праќаат се помалку пари за нивните роднини во земјава;
- Граѓаните ги одложуваат непотребните трошоци поради продолжената неизвесност од пандемијата;
- Постои опасност од зголемена инфлација, односно општ пораст на цените во малопродажбата.
Анализи
Македонските банки со најуспешни резултати на ниво на цел регион


Повеќе од успешни се резултатите од работењето на банките во земјава минатата година, како во однос на добивката, така и во однос на обемот на работа, стабилноста и одговорноста кон новонастанатата состојба. Споредбата на финансиските резултати на банките од Република Северна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и од Хрватска покажува дека македонските банки се одлично капитализирани и финансиски успешни. (more…)
Анализи
Експертите советуваат: Не ги повлекувајте заштедите од банките бидејќи банкарскиот систем е стабилен, а штедните влогови се безбедни!


Македонскиот банкарски систем е стабилен и сигурен и укинувањето на дозволата на една мала банка не ја доведува во прашање стабилноста на системот, беа уверувањата од Народната банка и од Македонската банкарска асоцијација по укинувањето на дозволата за основање и работење на Еуростандард банка АД Скопје. Укинувањето на дозволата се должи на неисполнување на минималните законски услови за работење на банка. (more…)
Анализи
Финансиските друштва и под предизвикувачки услови дадоа поддршка во надминување на ефектите предизвикани од Ковид – кризата, продолжуваат со отвореност за развој на финтек индустријата


Според статистиката на Народната банка на Северна Македонија, во рамките на финансискиот систем на Северна Македонија, вкупните средства на останатите (небанкарски) финансиски институции во 2020 година бележат годишен раст од 12,8%. (more…)
- Анализипред 1 week
Експертите советуваат: Не ги повлекувајте заштедите од банките бидејќи банкарскиот систем е стабилен, а штедните влогови се безбедни!
- Анализипред 1 month
Која е најмоќната и најбогата македонска банка!?
- Домашни банкипред 1 week
На шпекулациите дека “пропаѓа”, Стопанска банка АД – Скопје одговори со профит од 9,2 милиони евра за три месеци
- Анализипред 2 months
8 МАРТ АНАЛИЗА: Колку се застапени жените во Управните одбори на банките во Македонија?
- Банкипред 2 months
Огласи за вработување во Народната банка на Република Северна Македонија
- Кредитипред 3 weeks
Онлајн кредити до 50.000 денари
- Банкипред 2 months
Оглас за вработување во Халкбанк АД Скопје
- Интервјуапред 2 weeks
Интервју со ИГОР ДАВКОВ, Извршен директор на Скопје Ист Гејт и неговиот тим: Креираме вредност за закупците и посетителите