wrapper

Сите сме слушнале за магијата која се случува таму некаде надвор од границите на нашата комфорна зона. За сите успеси кои чекаат на нас доколку успееме да излеземе од ѕидовите кои сами ги имаме изградено. Но, сета таа убава слика на еден друг исполнет живот каков што отсекогаш сме посакувале почнува да бледее кога се појавува стравот и се поставува единственото, најтешко прашање: КАКО да излеземе од нашата комфорна зона?

Што е всушност комфорната зона? Иако секој од нас си создава своја слика за комфорната зона во која се наоѓа и си ја замислува и чуствува на посебен начин сепак постои просто научно објаснување за истата. Комфорната зона не е ништо повеќе од чувството на моментална умствена безбедност каде што вашите секојдневните активности и однесувања се движат по една иста шема која го минимизира стресот и ризикот. На овој начин вие сте заштитени од превземање нови чекори, имате загарантирано (не)задоволително ниво на среќа и помалку стрес. 

Од другата страна на оваа ваша умствена идила се наоѓа стравот. Истиот оној страв кој се појавува секој пат кога барем за момент ќе помислите на отворање на вратата за излез од вашата комфорна зона. Премногу хаотична и исцрпувачка ви личи војната со истиот па затоа најчесто луѓето уште на самиот почеток, во првата битка го подигнуваат белото знаменце и стравот повторно се прогласува за победник. 

Луѓето се некогаш толку навлезени во своите комфорни зони што дури помислуваат дека  и времето е релативна работа. Додека скришно ,,ѕиркаат'' во надворешниот свет секојдневно правејќи ги истите чекори кои се разбира не носат ништо ново освен потврда на дотогашниот ,,status quo'' времето надвор од комфорната зона минува и не чека никого да собере храброст и да излезе од зад ѕидините. Доколку некогаш сте се нашле во оваа ситуација на умствен безизлез со истовремена желба да го победите стравот и да се впуштите во светот на вистинските можности размислете на овие нешта.

1. Пронајдете ја својата ,, зона на храброст''

Доколку зоната на стравот може да не демне насекаде околу нас зошто да не е исто толку лесно да ја пронајдеме и сопствената зона на храброст? За сите оние кои не знаат, таа се наоѓа веднаш кога ќе ја преминете таа комфорна зона. И ете, повторно истиот проблем. Комфорната зона МОРА да биде помината. Доколку се плашите да правите големи чекори не срамете се и направете мали, бебешки чекори. Не е важно темпото, важно е насоката во која истите ве водат. Морате да почнете од некаде. Зоната на храброст е многу помалку предвидлива од вашата комфорна зона, но затоа е исполнета со многу можности. Запомнете, секоја мала улога ве носи до следната поголема улога во вашите животи и никогаш не се двоумете, вистинското време за да ја направите промената е токму сега. 

2. Не го избирајте сигурното

Секојдневно сите ние донесуваме различни одлуки. Многу од нив се ситни и незначителни, но голем дел можат да променат многу нешта кај нас. Како? Еден ден пред да донесете некоја секојдневна одлука застанете на момент и размислете што ќе се случи доколку денеска одлучите нешто друго. Доколку ја промените рутината на носење одлуки и овој пат го изберете она ,,несигурното''. Одлуките кои ги сметаме за ризични и непријатни се оние од кои најмногу учиме и кои ни помагаат да ,,пораснеме'' .

3. Еден ден одете си дома по различен пат

Иако можеби ова ви звучи смешно и се прашувате како тоа би ви помогнало да излезете од зоната на комфорот никогаш не потценувајте ја симболиката на нештата. Патиштата секако ќе ве однесат до вашиот дом, но, движејќи се по новиот пат вие ќе видите некои различни нешта со што ќе се прошират вашите видици. Верувајте дека ова е најлесниот начин да почнете. После тоа ќе бидете подготвени да направите и многу подрастични промени.

4. Почесто кажувајте ,,Да''

Прифаќајте ги новите нешта. Кажувајте да на истите дури и кога не сте подготвени. Верувајте дека секогаш знаете и можете да го направите тоа. Доколку работите кажете да на нови проекти дури и да не сте завршиле со претходните. Ќе ви се отворат многу нови можности и можеби ќе почнете да уживате во нешто кое никогаш претходно не сте имале шанса да го искусите.

5. Правете го она од кое што се плашите

Програмирајте ги своите мисли на нов начин. Поставете си го прашањето дали нешто ве плаши. Доколку одговорот е потврден вие МОРА да го направите тоа. Само на овој начин се совладуваат стравовите. И запомнете, тие никогаш не исчезнуваат само вие учите да управувате со нивната енергија. 

6. Научете се да верувате во себе и запомнете: ,,Утре е нов ден''

Најчесто нашите мисли се оние кои не ,,парализираат'' и врзуваат во комфорната зона. Кога размислувате негативно ги креирате сите можни сценарија кои го потхрануваат стравот. Најдете го најлесниот начин за да почнете да верувате во себе. Визуелизирајте ги своите соништа и местото каде што сакате да бидете. Тоа место се наоѓа надвор од вашата комфорна зона, нели? Доколку се соочите со некои лоши работи не се затварајте се повеќе во својата зона. Запомнете дека утре е нов ден во кој ќе бидете посилни и веројатно ќе научите нешто ново. Дајте им можност на можностите.

И на крајот поставете си го прашањето: Ќе знаете ли некогаш каков е животот зад ѕидините доколку не ги срушите истите? 

 

Last modified on Saturday, 04 November 2017

За Нас

Банкарство.мк го сочинува млада новинарска екипа која известува за најновите случувања во светот на Банките, за предизвиците во Банкарскиот сектор и очекувањата на водечките Банкари. На нашиот портал можете да прочитате и совети за управувањето со личните финансии.