wrapper

Сите менаџери, раководители, сопственици на компании сакаат да имаат во својот тим силни индивидуалци. Вработени кои цврсто стојат на земја, кои знаат да се справат со тешките ситуации, кои нема да се уплашат да влезат во нови предизвици, и ќе бидат мотивација и движечка сила за останатите. Вработени кои се фокусирани, перфекционисти и знаат да кажат „не” или да го одбранат својот став.  

Но, во суштина, дали е добро или лошо да имате тим составен од таков профил на луѓе / вработени?! Дали еден фудбалски тим ќе биде подобар, ако играат 11 „Роналдовци” или не? Индивидуалноста е поврзана со високи перформанси и квалитет на работење на индивидуата, но на ниво на тим тоа може да се одрази негативно, дури да има и катастрофални резултати. Индивидуалноста е поврзана со егото. А егото е спротивно на тимот и на тимската работа. Тимот е социјален момент. Поддршка, разбирање, соработка, тимските вредности пред индивидуалните цели, емпатија.     

Анализите и искуствата велат дека тимовите составени од силни индивидуалци знаат да бидат многу кревки и ранливи, и да не ги дадат очекуваните резултати. Тоа е најмногу поради тензиите помеѓу индивидуите. Самодовербата е важна особина и таа може да помогне при донесување на одлука, но пред другите може да изгледате како доминантна и арогантна личност и тоа да претставува проблем во прифаќањето од страна на колегите. Перфекционизмот е силен квалитет за остварување на неверојатни резултати, но тоа понекогаш може да биде погубно, поради тешкотијата за следење од страна на другите.      

Добар пример за ова се некои спортски клубови кои имаат слаби резултати иако ги имаат најскапите (најдобрите) играчи во своите редови. Од друга страна, пак, знаеме и клубови кои немаат ниту една ѕвезда, но поради добрата стратегија, лидерство, тимска работа, довербата и заедничките вложувања на тимот, постигнуваат натпросечни резултати. Тимот секогаш ќе биде посилен од која било индивидуа, со какви било вештини и способности.

Во секој случај, ако вашиот тим е составен од повеќе „Роналдовци”, силни индивидуалци, нешто што може да направите (пред да биде доцна), за да не дојдете до намалување на перформансите на работење, е следново:  

1. Лидер: За да имате авторитет над силните индивидуалци, лидерот (менаџерот) мора да биде спремен, едуциран и да има сила да се справи со сите тие тешки карактери. Понекогаш ќе треба да се преземе и некоја радикална акција што ќе биде во интерес на целиот тим, а не само на одделни индивидуи.  
2. Систем: едно од најдобрите решенија за намалување на проблемите е креирање на добар систем – правила и процедури на работа. Детални работни одговорности, процеси на работење, јасна хиерархиска структура и организациска шема. Во секој случај, најдобар баланс е доколку успеете да направите систем каде што пред сè ќе се вреднуваат целите на колективот, но и ќе се внимава на индивидуалните потреби и желби.
3. Тренинг: Мојот став е дека единствено место каде што функционира тимската работа, е во спортските тимови. Тоа е најмногу поради тоа што тие се единствените колективи кои постојано работат на развој на тимот (индивидуално и колективно). Кога последен пат вашиот тим бил на „тимски тренинг”?! Колку често употребувате вежби и тактики на суво, како тим, пред да излезете на терен (пазар)?! 90-те минути од некој фудбалски натпревар претставуваат 8-те работни часа во некоја компанија. Тренинзите што ги имаат фудбалерите на суво, секој ден по два пати на ден, се подготовка за натпреварот т.е. тие 90 минути.  
4. Тимска култура: Едно истражување на Харвард открива дека 46 % од околу 1000 инвестициски аналитичари, не успеале да ги дадат очекуваните натпросечни резултати кога ја смениле работната средина (како што било тоа во нивните претходни компании). Едно од најдобрите објаснувања било дека, индивидуалниот успех на некој вработен, ретко е резултат на самиот тој вработен, туку е резултат на целиот тим и поддршката што му ја дава тимот на тој вработен. Од огромна важност е кај секој од вработените постојано да се всадува идејата за развој и за јакнење на тимскиот дух и култура.  

На крај, доколку не може да ги избалансирате односите помеѓу членовите во вашиот тим, можеби подобро ќе биде да ги жртвувате компетенциите и индивидуалните способности на некои од членовите, со цел да одржите стабилност и баланс во тимот како целина.

Со успех во промените,

Петар Лазаров
Член на тимот
МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг

За Нас

Банкарство.мк го сочинува млада новинарска екипа која известува за најновите случувања во светот на Банките, за предизвиците во Банкарскиот сектор и очекувањата на водечките Банкари. На нашиот портал можете да прочитате и совети за управувањето со личните финансии.