wrapper

На сите ни е добро позната девизата „целта ги оправдува средствата”. Но, што значи во суштина тоа? Дали значи дека, мене ми е дозволено да правам што сакам и да потегнам какви сакам акции/дејствија, само со цел да ги остварам замислените цели или резултати? Дали тоа значи дека мене ми е дозволено, да повредувам луѓе, колеги, соработници, фамилија само за да ги остварам своите цели?!

 

Отсекогаш ми било мистерија, како е можно да се провлече една ваква силна мисла во секојдневното наше живеење и работење. Понекогаш многу едноставно ја кажуваме и често знаеме да ја искористиме во своја одбрана или кога оправдуваме нечија акција, без да имаме никаква одговорност што може да значи тоа за другите. Но, во суштина тоа често значи само маска или бариера (нажалост, општо прифатена) зад која се криеме во ситуации кога методите што сме ги одбрале, со цел остварување на своите лични интереси, се погубни за другите.  

Не е проблем кога ја разгледуваме оваа максима од позитивен аспект, во однос на преземање на сите можни акции, како мотивација за неоткажување во своите намери, напрегање на мозокот и стимулирање на себеси во барање на решенија „надвор од кутијата”, сè со цел да оствариме возможни и невозможни резултати. Нормално, сето тоа да е поврзано директно со нас самите, а да нема никакви негативни влијанија или повреда на нечии права, во процесот на реализација на тие наши намери. Но, кога ќе го употребиме само со цел да ги скриеме своите валкани игри, невкусни деловни потези или нечовечни акции, во тој случај ни претставува само маска позади која застануваме и си ја чистиме душата.

Мое мислење е дека „црвената линија” од која зависи дали ова правило ќе се одрази позитивно или негативно е компромисот. Понекогаш знаеме да направиме компромис со цел да не повредиме некого, но тоа да се одрази на нашите резултати. Исто така и спротивно, кога нема да направиме компромис со цел остварување на своите цели. Е, сега прашањето е, кога да правиме, а кога да не правиме компромиси. Бидејќи е многу тешко да се дадат некој конкретни насоки и совети како да знаеме кога да правиме, а кога не компромиси, најдобро е пред секоја акција да размислиме како таа ќе се одрази на околината, другите, колегите, иднината итн. Потоа, решете во која насока ќе се движите. Барем ќе бидете свесни што правите.

Следен пат кога ќе сакате да ја употребите оваа максима во своја одбрана, размислете, дали оваа акција и резултатот се поважни од:

-    Нечијата доверба – дали таа акција ќе се одрази на нечија доверба и што тоа ќе значи за нас?!
-    Општествената одговорност – дали тоа ќе се одрази негативно на околината?!
-    Компанијата – дали е во релација на визијата на компанијата?!
-    Квалитетот на работата – дали ќе страда квалитетот на работата?!  
-    Жртвата што ја давате - време, енергија, пари, нерви и дали резултатот е толку важен ние да ја правиме таа жртва?!
-    Правата на луѓето – дали ќе повредиме нечии права (на колега, пријател, соработник, фамилија)?!
-    Споредните ефекти – кои се споредните ефекти од таа активност. Колку можете да предвидите?!
-    Самодовербата – правење на неморални и етички потези на работа или приватно влијае на нашата самодоверба.  

Користете ја оваа девиза кога сакате сами себе да се поттикнете и стимулирате во разрешување на предизвиците со кои се среќавате. Но, немојте да ја користите само како параван зад кој ќе си дозволите да правите помалку етички работи.

Со успех во промените,
Петар Лазаров
Член на тимот
МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг

Last modified on Thursday, 28 September 2017

За Нас

Банкарство.мк го сочинува млада новинарска екипа која известува за најновите случувања во светот на Банките, за предизвиците во Банкарскиот сектор и очекувањата на водечките Банкари. На нашиот портал можете да прочитате и совети за управувањето со личните финансии.