wrapper

Катерина Јанковиќ е родена во Скопје каде и го завршува своето формално образование на Економскиот факултет, насока Финансиски менаџмент. Својата кариера во Охридска банка Сосиете Женерал ја започнува во 2003-та година на позицијата кредитен референт за правни лица.

 

Нејзиниот развој во банката во рамките на 13-годишната кариера е обележан со бројни позиции во рамките на продажниот сектор, за во 2013 година таа да биде поставена за Раководител на Дирекција за Корпоративно банкарство и МСП. По успешнo поминати 3 години на таа позиција, во 2016 година Катерина станува и раководител на Дирекцијата за продажна мрежа.

 

Банкарство: Неодамна отворивте нова експозитура во Аеродром со видоизменет и релативно неконвенционален концепт прилагоден на секојдневните активности и динамиката на живот. Кој беше главниот мотив за промена на концептот?

КАТЕРИНА ЈАНКОВИЌ: Идејата за нова локација на експозитура во Аеродром, произлезе пред сѐ, од потребата во една од најголемите населби во Скопје клиентите да добијат нов,  поголем и покомфорен простор. Предлогот за модерно  и неконвенционално уредување беше една од бизнис-иницијативите со чија реализација сакавме уште повеќе да се доближиме до нашите клиенти притоа прилагодувајќи се на денешниот динамичен начин на живеење.

Експозитурата во населбата Аеродром е модерен простор на површина од 170м2 во кој  опслужуваме население и правни лица, а во кој вклопивме и еден сосема поинаков и нестандарден простор за чекање, збогатен дури и со содржини за најмалите. Во оваа експозитура клиентите, преку неколкуте поставени ЛЦД екрани, постојано ги информираме за сите наши актуелни промоции и актвности, а додека го чекаат својот ред, на брз и едноставен начин  преку  современи дигитални уреди можат да дознаат и нешто повеќе за карактеристиките на нашите производи или пак самостојно да направат и некои пресметки. Чувствуваме обврска и постојано работиме на тоа да понудиме креативни решенија од секој аспект, вклучително и модернизација на нашите експозитури, со кои на клиентите ќе им го олесниме секојдневниот живот. Наша најголема сатисфакција претставува фактот што, по само неколку месеци од работењето на експозитурата, добиваме позитивни реакции за новиот концепт, но и за вниманието, посветеноста и услугата на колегите кои работат во неа. Тоа е доказ дека сме ја донеле  вистинската одлука и дека тоа е насоката во која треба понатаму да ја развиваме нашата продажна  мрежа.

 

Банкарство: Каков е процесот на создавање на атрактивен и „неодолив” производ за клиентите преку кој ќе успеете да го „заковате” клиентот долгорочно да биде ваш клиент?

КАТЕРИНА ЈАНКОВИЌ:  Анализа на пазарот, понуда на атрактивни каматни стапки, што сè придонесува кон создавање на поволна понуда за клиентите. Постојаниот проток на информациите од пазарот, очекувањата на постојните и потенцијаните клиенти, уважувањето на нивните потреби и секако, разбирањето на стилот и духот на секојдневниот живот, се основен предуслов за тактичка модификација на широкото портфолио на понуди на Охридска банка Сосиете Женерал. Кога мислиме на тактичка модификација не мислиме само на модифицирање на поедичени понуди од целокупоното портфолио, туку и на успешна комбинација на различни услуги, кои како целина се одликуваат со атрактивност, поволност, ориентираност кон клиенти и пред сè транспарентност. Инвестицијата во воспоставување и одржување на квалитетна и цврста врска со клиентите во комбинација со нови и иновативни производи и услуги дефинитивно ќе ја „закова“ успешната соработка.

 

Банкарство: Охридска Банка е дел од банкарската групација Сосиете Женерал. Колку припадноста во една вака голема банкарска групација го олеснува воведувањето на новитети во банкарството и придонесува искуствата од групацијата да се искористат за стекнување на конкурентска предност на пазарот?

КАТЕРИНА ЈАНКОВИЌ: Сосиете Женерал Групацијата ни овозможи пристап до огромен број на искуства и продажни практики достапни во мрежата на ескпозитури во 66 земји од светот. Овој тип на информации претставуваат значајна стратешка поддршка во дефиницијата на елементите на продажното портфолио, анализата на ефектите на пазарните трендови и секако, дополнителен фидбек во насока на стекнување на пазарна конкурентска предност. Глобалната поддршка и размената на идеи во насока на дефиниција на оперативната стратегија секогаш нѐ ставале чекор поблиску во нашата ориентација – доближување кон потребите на клиентите.

 

Банкарство: Советодавната улога од страна на Банката е од непроценливо значење за клиентите. Дали банката заедно со клиентот ги согледува можностите и долгорочните потреби и на тој начин се доаѓа до избор на најповолен производ и најдобрата стратегија?

КАТЕРИНА ЈАНКОВИЌ: За банка која се одликува со универзален карактер од аспект на пристапот и функционирањето во спроведувањето на принципите на оперативното работење, непоимливо е, стратешките, а пред сè и оперативните насоки на своето делување да не ги усогласи со реалните потреби на клиентите. Континуираниот развој на човечките капацитети кои имаат цел да структурираат пакет на призводи кои на најдобар начин ги пресретнуваат потребите на клиентот, унапредувањето на мрежата на експозитури, развојот на технологијата, имаат една основна цел која подразбира градење на платформа за добивање на што повеќе информации преку кои се осознаваат потребите и барањата на клиентите. Ваквиот пристап не само што ни овозможува зголемена ефикасност, туку обезбедува солидна основа за конципирање на правилна стратегија  и структура на понудата преточено во препознаени и прифатени банкарски сервиси или услуги. Советодавната улога на Банката ќе му помогне на секој поединец и секое семејство да ја одбере вистинската услуга согласно потребите, под транспарентни услови, овозможувајќи им  и да ги конципираат своите планови на подолг временски период. Во исто време, клиентите можат да бидат спокојни за сигурноста на услугите кои ги користат во банката (кредити, штедни влогови, трансакциски сметки), бидејќи на располагање им е опција за вклучено кредитно животно осигурување во избраните услуги, кои во случај на несакани ризици ги штитат нив и нивните семејства од дополнителни преоптеретувања.

 

Банкарство: Front-office и back-office се два различни организациони делови кои претставуваат една целина. Колку поддршката од back-office придонесува кон квалитетна услуга за клиентите?

КАТЕРИНА ЈАНКОВИЌ: Front-office и back-office се два клучни и незаменливи елементи на срцето на организациската структура на банката, практично кажано телото и крвотокот. Отсуството на било кој од овие два сегменти во голема мера би го отежнало функционирањето на една организација, во поглед на оперативна ефикасност и во поглед на двонасочната комуникација со клиентите. Следствено на тоа, воспоставувањето и одржувањето на квалитетна и ефиксна комуникација помеѓу овие две функции се од круцијално значење и предизвик за кориснички ориентирана компанија.  
Front-office е целосно посветен на клиентите и се грижи да ги задоволи нивните барања и потреби, а притоа да обезбеди високо ниво на задоволството како предуслов за долгогодишна доверба и соработка. Во позиција на посредник, неопходно е да се осигура дека ќе ја добие соодветната поддршка од back-office. Од друга страна пак, за back-office да ги испорача бараните информации, потребно е да да расолага со комплетни и ажурирани податоци. Исто така, треба да се потенцира важната улога на back-office функциите во контролата на процесите кои се од големо значење за функционирањето на компанијата во целина, бидејќи со нивното делување се минимизира можноста за грешки.
Front-office функциите, всушност го претставуваат лицето, имиџот и го градат личниот впечаток на клиентот при секој контакт со банката каде нема простор за грешка, додека back-office функциите се задолжени за таа корисничка перцепција да остане на високо ниво, обезбедувајќи висок степен на корисничко задоволство, базирана на доверба и квалитет.
Токму тоа е причината поради која нам како Банка инвестицијата во развојот на квалитетна и продуктивна комуникација помеѓу овие делови е еден од нашите  приоритети.  Симбиозата во која овие два сегменти функционираат, двонасочната комуникација и размената на информации, нам како институција, каде клиентот секогаш е во фокус на активностите е основниот предуслов за континуирано подобрување на услугите на банката. Тоа нѐ прави уверени дека крајната цел - задоволни и лојални клиенти ќе биде постигната.  

 

Банкарство: Неодамна објавените финансиски резултати покажуваат подобрување во однос на 2015 година. Како сте задоволни од досешното работење во 2016 година, од аспект на кредитирањето кај населението?

КАТЕРИНА ЈАНКОВИЌ: Кредитирањето на населението од аспект на деловното работење на Охридска банка Сосиете Женерал и согласно очекувањата, се движи во насока на континуиран пораст. Ваквиот тренд е повеќе од очекуван земјаќи го предвид фактот дека Охридска банка Сосиете Женерал значајно инвестира во подобрување и иновативно развивање на своето кредитно портфолио. Во таа насока, Банката станува се поатрактивна за клиентите со воведувањето на нови и конкурентни производи на пазарот. Концептот „План за стан 2030“, во комбинација со кредитното животно осигурување нуди најдолго загарантирана каматна стапка без банкарски трошоци за одобрување на кредитот, со што е понуда која од клиентите на банката е препознаена преку својата конкурентност, транспарентност и искреност во пристапот, која нуди стабилност на долг рок. Покрај тоа, слободно можеме да констатираме дека и останатите понуди од нашето портфолио кое постојано се збогатува со нови поразвиени производи и услуги значајно придонесува во остварувањето на зацртаните финансиски резултати на банката.
Огромен предизвик во динамичното окружување во кое делуваме е да продолжиме да ги антиципираме идните трендови и потреби и со иновативен и флексибилен пристап да успееме да ја задржиме и зацврстиме нашата позиција. Сметаме дека солидно успеваме да ги претвориме тие предизвици во можности, за што говорат и нашите финансиски резултати.

 

Банкарство: Какви се плановите за догодина и што може да очекуваат клиентите во следниот период од Охридска Банка, кога се во прашање кредитите. Можно ли е кредитите дополнително да поефтинат?

КАТЕРИНА ЈАНКОВИЌ: Ние сме повеќе од определни и фокусирани, со исто темпо и ориентација кон потребите на клиентите да ја развиваме својата понуда на ниво на целата банка. Дали ќе поефтинуваат кредитите од понудата на Банката, е одлука која покрај определбите на банката ќе биде детерминирана и од реалните фактори на пазарното опкружување, макро – економските индикатори, како и балансот на побарувачката и понудата. Она во кое сме сите убедени, е дека ќе настојуваме во духот на банка ориентирана кон потребите на клиентите, сите свои ресурси да ги насочиме кон што подобри услови.

 

Last modified on Monday, 28 November 2016

За Нас

Банкарство.мк го сочинува млада новинарска екипа која известува за најновите случувања во светот на Банките, за предизвиците во Банкарскиот сектор и очекувањата на водечките Банкари. На нашиот портал можете да прочитате и совети за управувањето со личните финансии.