wrapper

Разговаравме со Маја Николоска, која дипломира на Економскиот факултет во Скопје 2007 година, отсек менаџмент. Истата година започнува со работа во банкарскиот сектор, на позиција кредитен референт за правни лица.

 


Јуни 2008 година, преминува во ТТК Банка, како самостоен соработник во Дирекцијата за контролинг и стратешко планирање. Од 2010 година е дел од тимот на Еуростандард Банка, на позиција Раководител на Дирекција за планирање, контрола и известување. Поседува бројни сертификати за специјализација и доусовршување во областа на котролингот и планирањето.

 

Банкарство: Дитмар Пашер го дефинира контролингот како маркетинг на сметководството. Дали можете за читателите на bankarstvo.mk да ни дефинирате што претставува контролингот во банкарството ?

МАЈА НИКОЛОСКАКонтролингот во банкарството е фукција што му помага на менаџментот во интерпретирање и анализа на извештаите врз основа на кои се носат одлуки за понатамошното работење. Модерното банкарство ја препознава улогата на “контролор” како бизнис партнер на менаџерот. Тој активно учествува и му дава навремени информации на менаџментот за дефинирање на целите, изработува планови и го известува за тековните отстапувања. Контролингот го анализира работењето на банката, конкуренцијата, банкарскиот сектор и целокупниот пазар.


Банкарство: Кои се основните работни задачи на вработениот како “контролор” во една Банка ?

МАЈА НИКОЛОСКАОсновните работни задачи на вработениот како контролор во Банка се редовно и ad-hoc известување на менаџментот, изработка и доставување на извештаи кон Народна Банка и други финансиски институции, изготвување на развоен план и стратегија на банката и следење на нивното остварување. Една од позначајните работни обврски на контролорот е и анализа на профитабилноста при воведување на нов производ и утврдување на ефектот, односно очекуваниот приход/расход, како и мерење на профитабилноста по одделни служби, по експозитури и по производи. Контролорот вршиутврдување и мерење на клучните показатели на успешност (KPI) поорганизационите едници и на секој вработен. Редовното следење и контрола на трошоците, како и согледување на можноста за намалување на истите е уште една од работните задачи на контролорот.


Банкарство: Која и во колкава мера е поврзаност на контролингот со развојниот план на банката ?

МАЈА НИКОЛОСКАОдделот за контролинг е одговорен за изработка на финансискиот дел од планот, што подразбира проекции на билансот на состојба и билансот на успех, како и на планот за број на нови клиенти, обем на платен промет, број на картички и слично. Со цел да се измери ефикасноста при реализирањето на предвидените цели, планот содржи соодветни финансиски и оперативни показатели. Откако ќе се изработи планот, Одделот за Контролинг е одговорен за следење на неговата реализација, анализа на отстапувањата и известување на менаџментот.


Банкарство: Дали доброто планирање и честата контрола можат да ги намалат трошоците и колку правилното известување може да има влијание кон растот и развојот на банката ?

МАЈА НИКОЛОСКАСоставен дел на планот на Банката е и планот за капитални инвестиции каде се наведени сите развојни и инвестициски проекти, како и обемот на потребни вложувања во делот на оперативните трошоци. За постигнување на планираната ефикасност на Банката од големо значење е добро предвидениот план на трошоци. Службата за Контролинг, врз основа на претходно извршени анализи и во соработка со останатите служби, реално ги планира сите трошоци што се неопходни за работењето. Со континуирано следење и контрола на трошоците се утврдуваат евентуални отстапувања од планот, додека со навремено известување на менаџментот се овозможува брза реакција и преземање соодветни мерки. Некогаш за сметка на некои нови непредвидени трошоци, може да се донесе одлука за заштеда кај други трошоци доколку има можност.


Банкарство: Постои ли одредени правило, колку често се врши контрола / следење на остварувањата во банките како финансиски институции ?

МАЈА НИКОЛОСКАКолку често ќе се врши следење на остварувањето на планот одредува Банката со интерно пропишана процедура. Секако, подобро е тоа да се практикува почесто, односно на пократок временски период. Во Еуростандард Банка се врши месечно следење на реализацијата на планот со цел да се согледаат отстапувањата на состојбите и физичкиот обем на активности. Потоа се бараат причините што придонеле да дојде до тие отстапувања и дали на нив може да се влијае. Одделот за Контролинг дава предлози за мерки и активности кои треба да се преземат од страна на одговорните сектори во насока на остварување на предвиденото.


Банкарство: Со кои служби/сектори контролинг има најчеста комуникација, односно кои дава input кон работата на конролингот, а каде тие информации се одлеваат/презентираат ?

МАЈА НИКОЛОСКАВработените во Службата за Контролинг треба активно да соработуваат со сите оддели во Банката. Тие најмалку еднаш месечно треба да доставуваат информации за нивната работа до Службата за Контролинг која ги сублимира податоците и во вид на месечен извештај ги доставува до менаџментот. Службата за ликвидност, службата за работа со правни лица, како и службата за работа со физички лица се клучен извор на инпути кои се користат при изготвувањето на развојниот план на Банката. Овие служби ги користат анализитешто ги изготвува Службата за Контролинг, за пореално да ги испланираат своите идни планови и активности. Тие анализи опфаќаат разгледување на состојбатана постоечката понуда на производи и услуги, нивната цена и трендот на зголемување или намалување на побарувачката. Плановите на продажните служби содржат податоци за планираните продажни активности, подобрување на квалитетот на услугите, развој на нови производи и планиран пласман на пазарот,како и развој на мрежа на експозитури. Службата за Контролинг го насочува и координира дефинирањето на плановите на одделните служби во Банката.


Банкарство: Банките некогаш не успеваат да ги остварат зацртаните цели, а некогаш се случува остварувањата да ги надминат плановите. Која од овие две крајности не е прифатлива за банките ?

МАЈА НИКОЛОСКАБрзите технолошки промени, неизвесноста во работењето, зголемената конкуренција и постојаниот развој на нови производи придонесува планираните цели да не можат секогаш да бидат остварени во целост. Без разлика дали планот е надминат или во целост не е остварен, менаџментот на Банката секогаш треба да е подготвен за прилагодување на непредвидената состојба и преземање соодветна корективна акција.


Банкарство: За крај, кои се основните карактеристики што треба да ги поседува еден вработен во Сектор Контролинг ?

МАЈА НИКОЛОСКА: За да биде успешен во работата, вработениот во Службата за Контролинг треба да биде аналитичен, прецизен, одговорен, да може брзо и логично да размислува, сталожен и смирен и во случај кога времето за реализација на задачата е кратко. Постојаната комуникација со останатите сектори во Банката, интересот и познавањето на банкарството, како и на домашната и меѓународната макроекономска состојба се значајни за согледување на реалната состојба и предвидување на можностите за реализација на поставените цели. Успешниот “контролор” треба да е креативен, иновативен, да знае да ги издвои битните информации и на јасен и едноставен начин да ги презентира на менаџментот.

 

Last modified on Thursday, 20 October 2016

За Нас

Банкарство.мк го сочинува млада новинарска екипа која известува за најновите случувања во светот на Банките, за предизвиците во Банкарскиот сектор и очекувањата на водечките Банкари. На нашиот портал можете да прочитате и совети за управувањето со личните финансии.