wrapper

Разговаравме со Маја Ставрева Стојанова, Директор на Деловен Сектор – Деловна мрежа и Игор Давчевски, Директор на сектор за платни системи во НЛБ Банка АД Скопје.

 

Маја во 1996 година дипломира на Економскиот факултет во Скопје.  Почетоците во банкарскиот сектор ги прави во 1997 година во една од македонските банки како девизен трговец, каде во 2002 година станува и менаџер на Секторот за управување со финансиски средства.

Од мај 2005 година започнува со работа во НЛБ Банка АД Скопје (тогаш НЛБ Тутунска банка) во почетокот како раководител на Експозитурата во Аеродром, а потоа  раководител на експозитурата во Карпош 3. Од 2009 година е назначена за помошник директор на Деловната мрежа на НЛБ Банка АД Скопје. Од август 2015 година е Директор на Деловна мрежа, најголемиот сектор во НЛБ Банка АД Скопје.

Учествува на повеќе едукативни програми, тренинзи, семинари, конференции и панел дискусии од NLB Group Banking Academy, Bank Austria Creditanstalt Vienna, LHB F/M, City College - an International faculty and University of Sheffiled и други.

 

Игор дипломира електроника и телекомуникации на Електротехничкиот факултет во Скопје во 1996 година. Во банкарскиот сектор работи од 1997 година, а кариерата во НЛБ Банка ја започнува во 2002 година како раководител на службата за самоуслужно банкарство.

Во 2007 година станува Советник на Управниот одбор на банката за истата област, а во 2010 година по обединувањето на платните системи во еден сектор е назначен за Директор на секторот. Како наворешен член на Управниот одбор на Клириншката куќа КИБС е од 2014 година.

Учествува на повеќе тренинзи, семинари, конфенренции и панел дискусии од областа на картичното работење и платните системи организирани од NLB Group Business Academy, НБРМ, MasterCard, Visa и СТБ Карт од Москва.

 

Банкарство: Пред неколку години во Македонија застапен беше само класичниот шалтерски начин на плаќање. Денес банките нудат многу современи и иновативни начини на плаќање преку кои можат да се реализираат сите банкарски потреби на корисниците. На што се должи развојот на овие современи банкарски трендови, пред се на мБанкинг ?


МАЈА СТАВРЕВА-СТОЈАНОВА: Алтернативните канали на банкарско работењекако замена на традиционалните се тренд во банкарството кој е присутен повеќе години. Нашата економија не е исклучена од овие движења и соодветно банкарскиот сектор во Македонија ги следи, ги прифаќа и ги имплементира овие трендови.Развојот на современите банкарски канали се должи на рапидниот раст на интернетот и новите технолошки достигнувања, а новата информатичка технологија, интернет пенетрацијата и побрзата динамика на живот го менува начинот на користење на банкарските производи и услуги од страна на корисниците. Тоа значи дека развојот на алтернативните канали го поедноставува целото искуство кое клиентот го стекнува на релација со Банката и банкарските услуги ги прави подостапни, побрзи и поефикасни. Клиентите ги препознаваат предностите на ваквиот сервис и се повеќе се насочуваат кон новите начини и канали на користење банкарски услуги.

 

Банкарство: Денес, се повеќе се користат алтернативните начини за плаќање. Кои се предностите од користењето на алтернативните канали и кои начини на заштита од злоупотреба на овие канали ги имате имплементирано ?

 

ИГОР ДАВЧЕВСКИ: Јас, лично, го претпочитам терминот “современи канали” за плаќање. Во светот, а и кај нас, овие канали одамна не се алтернативни. Инаку, запредностите и нема што многу ново да се каже. Во ерата на силен развој на информатичката технологија очекувањата на сите нас се дека сé станува побрзо, подостапно, поефикасно и што е најважно, поедноставно. Едноставноста, од друга страна, не секогаш оди рака под рака со сигурноста и безбедноста, па затоа нашите развојни тимови особено внимание посветуваат на овие аспекти. При дизајнирањето и имплементацијата на решенијата се користат најсовремените технологии, стандарди и практитки за безбедност и заштита на податоците при внес и при нивен пренос до Банката.

 


Банкарство: Кој е бенефитот од користење на алтернативните канали (мБанкинг, еБанкинг, СМС) за НЛБ како банка, а каков е бенефитот за клиентите ?

 

МАЈА СТАВРЕВА-СТОЈАНОВА: Бенефитите за Банката и за клиентот се повеќе и се испреплетуваат. Би почнале од држење чекор со светските трендови, преку можности за збогатување на палетата услуги кон клиентите, автоматизација на процесите и ослободување на капацитети. Со намалување на трансакциите кои бараат активен ангажман од вработените, се отвара можност Банката се повеќе да ја гради советодавната улога на релација помеѓу вработените и клиентите. Тоа пак од своја страна овозможува клиентот да добие услуга и сервис кои се високо персонализирани и се вистински одговор на неговите потреби што значи подигнување на квалитетотна услугата кон клиентот.Покрај ова, достапноста на банкарските услуги 24/7, во секое време и од секое место, пониските трошоци за користење на банкарските услуги (пониски провизии, трошоци за посета на просториите на Банката (транспорт и паркинг) и сл.), непосредниот и директен контакт со Банката се едни од најзначаните бенефити за клиентот.

 

Банкарство: Постои ли ризик од аспект на злоупотребата на мБанкинг и кои се најчести случаи на злоупотреба ?

 

ИГОР ДАВЧЕВСКИ: Досега немаме регистрирано злоупотреба направена на мобилното или електронското банкарство. Доволен податок за безбедноста е фактот дека НЛБ Банка повеќе од 15 години на своите клиенти, правни лица, нуди електронски плаќања и со задоволство можеме да кажеме дека преку тој канал се процесираат околу 45% од бројот и околу 60% од вкупниот износ на налозите во платниот промет на Банката. Кај физичките лица сервисот е достапен од 2008 година и имаме преку 200.000 регистрирани корисници, од кои над 100.000 активно и секојдневно електронски пристапуваат до своите сметки во Банката. За жал, бројот на налози остварен од физичките лица сеуште е значително мал во споредба со правните лица, но мора да се има предвид дека значаен удел во плаќањата кои тие ги прават се налози кон некои институции, за кои сеуште како доказ за направената уплата од граѓаните се бара приложување копија од хартиен налог. Значајно поместување во однос на износот и обемот на плаќањата кај физичките лица очекуваме да се случи набрзо, пред се заради нaјновата верзија на нашата НЛБ мКлик мобилна апликација која е со значително подобрен кориснички интерфејс, по примерите на најпознатите светски мобилни апликации (Facebook, Google mail, LinkedIn..), а со својата ергономичност и функционалности брзо ќе стане секојдневна “играчка”во рацете на клиетите.

 

Банкарство: Какви мерки преземате за остварување на вашите тенденции за зголемување на користењето на мБанкинг ?

 

МАЈА СТАВРЕВА-СТОЈАНОВА: Со развојот на новите канали на банкарско работење, клиентите се повеќе ги препознаваат придобивките од нивното користење и ги бараат овие технолошко напредни услуги од банките. Генералната стратегија на Банката за зголемување на користењето на НЛБ мКлик мобилната апликација е во насока на збогатување на функционалностите со кои располага апликацијата, промовирање на придобивките од нејзиното користење и пониските трошоци за реализација на налозите споредено со трошокот за налози реализирани преку експозитура. Мобилната апликација се развива во правец да овозможи целосна достапност на сите банкарски продукти и услуги со цел НЛБ Банка да биде уште повеќе достапна и транспарентна за своите клиенти. Покрај функционалностите кои се во насока на извршување на банкарските трансакции, активно работиме на развој на дополнителни вредности на апликацијата: двонасочна комуникација со клиентите, достапност на апликацијата за преглед и анализа на своите финансии, финансиско советување итн.

 

Банкарство: Зошто мБанкинг е подобра опција за вршење на банкарските услуги од хартиенналог или од електронско банкарство ?


МАЈА СТАВРЕВА-СТОЈАНОВА и ИГОР ДАВЧЕВСКИ:

НЛБ мКлик е подобра опција за вршење на банкарските услуги бидејќи:

- НЛБ мКлик мобилната апликација е едноставна за користење
- Претставува најсигурен начин за вршење трансакции
- Достапна е било кога и од било каде,24/7
- Прегледна е и дава интегрирана слика на сите услуги и сервиси коиклиентот ги користи воНЛБ Банка АД Скопје
- Апликацијата овозможува брзи плаќањаи едноставни трансфери помеѓу сметките на клиентот
- Нуди опција за брза и едноставна промена на лимитите за работа на сопствените картички
- Претставува информативен канал преку кој клиентот се запознава со сите новини во работењето на НЛБ Банка
- Обезбедува брза информација за локациите на нашите банкомати и експозитури, нудејки му на клиентот предлог мапа до најблиската локација
- Им овозможува на корисниците да станат клиенти на НЛБ Банка АД Скопје без иницијално присуство во некоја од експозитурите на Банката

 

Банкарство: Што е она што би го издвоиле како најголем недосататок поврзан со мБанкинг ?


ИГОР ДАВЧЕВСКИ: Навистина не би можел да кажам дека мКлик има било какви недостатоци. Можеби би се согласил со констатација дека апликацијата може во иднина да биде збогатена со некои дополнителни функционалности. Сепак, сакам да напоменам дека е единствена на пазарот според неколку каракатеристики и можности кои ги нуди. Како најинтересна и најкорисна би ја издвоил можноста клиентот во рамките на неколку секунди да го блокира или овозможи користењето на некоја од своите картички на интернет. Оваа комплементарност со другите наши продукти претставува дополнителна сигурност на клиентите во нивното користење, имајќи го в предвид пред се латентниот страв на населението при шопингот преку интернет.

 

Банкарство: Дали сте задоволни од досегашниот раст и успех со мБанкинг и какви чекори планира да преземе НЛБ Банка во иднина за уште поголем развој и напредок на овој канал на комуникација со клиентите ?


МАЈА СТАВРЕВА-СТОЈАНОВА: Порастот на користењето и бројот на корисници на нашата мКлик мобилна апликација ги надмина очекувањата кои ги имавме при лансирање на продуктот. Задоволни сме од досегашниот успех, но не планираме тука да застанеме. Се трудиме да ги слушнеме нашите клиенти, кои се нивните барања поврзани со апликацијата, какви се новините во светот на ова поле и соодветно на сите овие информации да го развиваме и надградуваме овој сервис.

 

Банкарство: Каква иновација можеме да очекуваме од НЛБ Банка во периодот што следи ?

 

ИГОР ДАВЧЕВСКИ: Во моментот апликацијата примарно се користи за трансакции кои значат некакви плаќања или трансфери. Нашите планови се апликацијата да стане медиум за реализација и на други видови банкарски услуги поврзани со кредитното и депозитното работење, финансиско советување и слично, односно во догледна иднина овој канал да стане место преку кое клиентот ќе може да го извршува целокупното банкарско работење.

 

Last modified on Monday, 17 October 2016

За Нас

Банкарство.мк го сочинува млада новинарска екипа која известува за најновите случувања во светот на Банките, за предизвиците во Банкарскиот сектор и очекувањата на водечките Банкари. На нашиот портал можете да прочитате и совети за управувањето со личните финансии.