wrapper

Голем дел од банките во Македонија се' уште се мошне претпазливи кога станува збор за ангажирање и користење на социјални медиуми, додека останатите ги истражуваат иновативните начини и применуваат разни тактики со цел да го постигнат посакуваниот ефект.

Модерното време им налага на банките кога размислуваат за својата иднина, да не ги игнорираат социјалните медиуми. Заклучно со јануари 2017 година, приближно 2.8 билиони луѓе ширум светот се активни на социјалните мрежи, согласно Digital in 2017 Global Overview извештајот од "We Are Social" и "Hootsuite". Ова претставува зголемување од 21% или дополнителни 482 милиони активни корисници, анализирано во текот на изминатите 12 месеци. Согласно податоците вклучени во извештајот, просечниот корисник на социјалните медиуми дневно поминува 2 часа и 19 минути.

Додека некои банки сѐ уште ја држат главата во песок, многумина сфаќаат дека социјалните медиуми фундаментално го менуваат начинот на кој комуницираме. Социјалните медиуми во поново време се примарен канал преку кој потрошувачите комуницираат со инвеститорите и вработените, односно споделуваат информации во денешниот дигитален свет. Доколку банките не се присутни на социјалните медиуми, тие пропуштаат неверојатна можност. Исто како што потрошувачите ги споделуваат мислењата за рестораните и хотелите онлајн, исто така, тие објавуваат искрени мислења за финансиските производи и услуги. Споделените мислења се исклучително јавни и главно водени од личното искуство на корисникот.

Една од компаниите во Македонија која во своето работење целосно го има имплементирано користењето на социјалните мрежи, со преку 201.6 илјади следбеници на Facebook и 22.8 илјади следбеници на Instagram е Grouper.mk.

"Користењето на социјалните мрежи од бизнис аспект денес веќе не е избор, туку е "a must". Дури 63% од потенцијалните клиенти кога пребаруваат некаков бизнис онлајн, најпрво го прават тоа на еден од социјалните медиуми. Маркетингот на социјалните мрежи помага за валидизација на брендот. Присустноста на компаниите на социјалните мрежи, доколку се реализира на правилен начин, е еден од најдобрите методи за да им покаже на вашите клиенти дека вашиот бренд е активен и фокусиран на комуникација со клиентот. Понатаму, маркетингот и користење на социјалните мрежи од страна на брендовите може да ја зголеми лојалноста на клиентите. Покрај ова е еден од најбрзите и ефикасни начини за пренесување на информацијата до клиентите. Исто така, голем бенефит се и многуте метрики кои ги нуди овој начин на маркетинг, преку кои најбрзо ќе ги измерите резултатите и ќе извлечете заклучоци за понатамошни стратегии." - вели Ива Трембелиева, специјалист за дигитален маркетинг во Grouper.mk

Официјални Facebook профили на банките во Република Македонија:

Шпаркасе Банка Македонија  40.6 илјади likes 

НЛБ Банка  38.1 илјади likes

Стопанска банка АД Скопје  69.4 илјади likes

Охридска Банка Сосиете Женерал  2.1 илјади likes

Халкбанк АД Скопје  19.1 илјади likes

ТТК Банка  2.2 илјади likes

УНИБанка  11.5 илјади likes

Централна Кооперативна Банка  4.2 илјади likes

Народна банка на Република Македонија  6.2 илјади likes

Капитал Банка  2.2 илјади likes

Еуростандард Банка  1 илјада likes

Силк Роуд Банка  4.7 илјади likes

Комерцијална банка - не користи официјален профил на Facebook

ПроКредит Банка - не користи официјален профил на Facebook

Стопанска банка А.Д. Битола - не користи официјален профил на Facebook

Помеѓу финансиските институции, Шпаркасе Банка Македонија преставува една од поактивните банки кога се во прашање социјалните медиуми. Оваа банка располага со речиси 41 илјади следбеници на Facebook и 1.1 илјади на Instagram.

"Комуникацијата на актуелните понуди на Банката главно се спроведува преку употреба на традиционалните канали на комуникација, но во нашата маркетинг стратегија се поголемо и позначајно е присуството на дигиталните канали на комуникација преку користење на социјалните мрежи, интернет порталите, on-line пребарувачи и интернет каналите на Банката. Покрај актуелните рекламни објави и официјални информации, на нашите профили на социјалните медиуми се трудиме да пласираме објави со “engagement” содржина, како и да пренесеме важна порака преку прикажување на реализација на нашите CSR проекти рамките на „Sparkasse Life“ платформата.

Иако социјалните медиуми не бараат високи финансиски вложувања, сепак за нивно успешно управување е потребен постојан ангажман и посветеност. Бидејќи тие се еден од влијателните канали на комуникација, потребно е прилагодување на секојдневната комуникациска стратегија за да останеме доследни и интересни. Социјалните медиуми ни ја овозможуваат и „неформалната“ комуникација со нашите сегашни и потенцијални клиенти. Со нашата 24 часовна достапност ги споделуваме потребните информации и ги решаваме нивните забелешки, преку кои градиме релации на долгорочна лојалност и приврзаност кон брендот SPARKASSE. Особено значајни се релациите кои изминатите години успеавме да ги воспоставивме со помладите генерации и лицата на возрст до 35 години, што придонесе да бидеме избрани за најомилена банка помеѓу студентите и да го добиеме признанието STUBRAND за 2016 и 2017 година.

Ефикасното користење на социјалните медиуми може да придонесе кон остварување на бројни придобивки за компанијата. Покрај личното таргетирање на клиентите преку маркетинг кампањите, промовирањето на новите производи и услуги, една од најважните придобивки е директната интеракција со сегашните и потенцијалните клиенти. Доколку стратегијата за социјалните медиуми претставува соодветен микс на релевантни содржини, комуникација со пријателски тон и висока респонзивност на пораките, создавате маса на следбеници кои ќе го преферираат вашиот бренд, но не само поради вашите производи и услуги, туку тие ќе мислат и зборуваат за вашата компанија од позитивен аспект. Присуството на социјалните медиуми претставува важен и моќен ПР елемент, кој овозможува брзо ширење на информациите, но истовремено гради и долгорочни релации со широка популација." - изјави Тодорка Сајкова, директор за Маркетинг и комуникации во Шпаркасе Банка Македонија.

Со едноставно објавување на содржини не завршува активноста на социјалните медиуми на банките. Постои огромна количина на содржини достапна онлајн поврзани со маркетинг на социјалните медиуми за банкарскиот и финансискиот сектор. Неопходно е да се анализираат сите достапни содржини од кои банките и финансиските институции воопшто можат да имаат огромен бенефит кои ќе го искористат за подобрување на стратегијата за маркетинг на социјалните медиуми.

Усогласеноста, безбедноста и приватноста се сеуште огромни предизвици за финансиските институции кога станува збор за социјалните медиуми. Од една страна, тие сакаат да ги исполнат барањата и потребите на нивните клиенти, особено помладите генерации кои се навикнати да прават сe онлајн. Од друга страна, банките треба да го прават она што се очекува од регулаторна гледна точка. Притоа, истражувањата велат дека за 50% се поголеми шансите да се споделат лоши искуства на социјалните медиуми отколку добри. За институцијата важно е да се реши проблемот пред пораката да биде прочитана од 10.000 корисници на социјалните медиуми.

Ова е причината зошто повеќето институции имаат креирано Фејсбук, Инстаграм, Твитер, Јутјуб или дури социјални профили, но сеуште не им дозволуваат на клиентите да вршат плаќања или да ги проверат своите салда на тие мрежи. Наместо тоа, тие ги нудат овие страници за да едуцираат, да обезбедат помош и да одговорат на прашања од клиентите во реално време.

 

Last modified on Tuesday, 17 October 2017

За Нас

Банкарство.мк го сочинува млада новинарска екипа која известува за најновите случувања во светот на Банките, за предизвиците во Банкарскиот сектор и очекувањата на водечките Банкари. На нашиот портал можете да прочитате и совети за управувањето со личните финансии.