wrapper

Со цел да ги дознаеме мислењата и да го измериме задоволството на студентите кои досега посетувале пракса во некоја од македонските банки тимот на банкарство.мк спроведе онлајн анкета. Собраните резултатите говорат за искуството што го стекнале студентите, но и за предностите и недостатоците на македонските банки од аспект на знаењета кои што ги стекнуваат студентите за време на практичната настава. Во изминатиот период беше спроведена анкета која опфати 9 прашања, дел од нив со повеќекратен избор и неколку отворени прашања во кои студентите можеа слободно да го изнесат своето мислење и да дадат одредени препораки како за банките така и за оние кои допрва ќе се одлучат да посетуваат пракса во некоја македонска банка. 

Онлајн анкетата наиде на одзив од 310 испитаници, сегашни или поранешни студенти кои некогаш посетувале практична настава во банка. 

Старосната граница  на испитаниците се движи од 19-33 години, но најголем дел од испитаниците се на возраст од 21-25 години (77,4%)

Бидејќи сите студенти сметаме дека наишле на различни искуства ние ги прашавме колку се задоволни од стекнатите знаења за време на праксата? Ова се одговорите кои ги добивме

                                                                   

 Добиените одговори говорат за фактот дека најголемиот дел од студентите кои посетиле пракса имале позитивно искуство (38.7%) , но и процентот на оние кои воопшто не се задоволни не е за потценување.(16.1%) 

 Бидејќи сите од испитаниците барем еднаш посетувале пракса во некоја банка следното прашање беше дали повторно би се одлучиле да посетат пракса?

Најголем дел од испитаниците (71%) одговориле дека повторно би посетиле пракса во некоја од македонските банки. 

Бидејќи често се дискутира околу тоа колку навистина им се посветува внимание на студентите кои се на практична настава, нашето прашање беше  "Дали вработените во Банката ви посветуваа доволно внимание?" На ова позитивно одговориле 64,5% од испитаниците, додека 35,5% од студентите одговориле дека не се задоволни од вниманието кое им било посветено од страна на вработените во банките каде посетувале пракса.

Општо земено, како најчести бенефити од посетата на практична настава се споменуваат: запознавање со банкарскиот сектор и активностите кои што се вршат во банките со истовремено утврдување на вештините на практикантот како и проширување на ,,базата'' на професионални контакти. Практикантот истовремено работи на зголемување на сопствената самодоверба како и можност за понатамошен развој на кариерата, односно, вработување на полно работно време.

Со оглед дека најголемиот дел од испитаниците имале позитивно искуство од практичната настава во банка нашето следно прашање беше колку добиеното знаење  ќе имаат можност некаде да го применат во иднина?

 

На претходното прашање се надоврзува и ова прашање за сите оние кои се уште се во текот на своите студии. Дали посетата на пракса во Банка ќе ви помогне во понатамошното студирање?

 

Без разлика што испитаниците се студенти кои посетувале практична настава во различни банки им беше поставено прашањето со која банка тие би сакале да соработуваат во иднина на професионален план. Ги добивме следниве резултати.

НЛБ Банка АД Скопје (97)
Стопанска банка - АД Скопје (54)
Шпаркасе Банка Македонија (50)
Капитал Банка (11)
Халкбанк АД Скопје (31)
Комерцијална банка АД Скопје (34)
ПроКредит Банка АД Скопје (10)
Охридска банка АД Скопје (23)

За во целост да добиеме слика за мислењето на студентите како и за обврските кои тие ги извршувале поставивме две отворени прашања на кои тие слободно можеше да го изнесат своето мислење и искуство кое го имаат стекнато. Истовремено тие понудија и одредени препораки кои би им користеле на сите оние кои во иднина ќе се одлучат за посета на практична настава. Мора да забележиме дека наидовме на навистина интересни одговори. 

Што би им препорачале на вашите колеги од факултет?

- Да го одберат вистинското место за пракса не мора да е банка, да прашуваат, бараат задолжение повеќе од менторот, да размислуваат за праксата како да е тест период пред вистинска работа.

- Да одат секоја година на пракса со желба да научат.

- Да земат активно учество на обуки и пракси во текот и по завршување на студирањето, редовно да се информираат за нови можности за пракси преку паметно користење на социјалните мрежи.

- Потписот за пракса за да запишеме нов семестар не е само формалност. Што повеќе пракси, тоа поспремни за работа. Факултетот и професорите не можат да не научат на се, но ни даваат можност ние самите да го совладаме тоа.

- Редовна посета на пракса, потписот не е битен толку, колку што е битно знаењето стекнато и запознавањето на контакти.

- Да одат на пракса. Дури и да не им се допадне институцијата во која одат на пракса, мислам дека тоа ќе им помогне за полесно да се ориентираат во иднина, во поглед на работата.

- Задолжително да посетат пракса во Банка со што ќе видат како е да се биде дел од голема институција.

- Да посетуваат пракса задолжително. Искуството е неверојатно. Како апсолвент одам трет пат на пракса. Многу нови работи, примена на наученото, нови контакти, и огромни шанси за врабтување.

- Барајте платена пракса, бидејќи ги "болат" парите дадени за вие да трошите време на работи кои не се поврзани со работата на банката.

- Теоријата и праксата се сосема две различни работи.

- Да одат на практична настава, на практична настава се стекнува повеке знаење одколку на факултет.


Какви обврски најчесто добивавте од вашите ментори?

- Се што правеше менторот правев и јас. Работа на компјутер, приготвување документи за реализација на кредитно барање, комуницирање со клиенти.

- Следење на новости, законски прописи и нивни измени од областа на банкарското работење, составување на кратки извештаи, изготвување на извештаи за пречистени текстови на закони.

- Во зависност од тоа во кој сектор бев. Некаде даваа релативно лесни рутински работи, подредување по датум на документи, а некаде ми даваа конкретни обврски од кои многу научив.

- Секакви обврски од ажурирање на табели и фајлови до средување на документација.

- Да правиме кафе и да им купуваме доручек.

- Генерирање на извештаи, средување на документација и запознавање со процесите на Банката.

- Правење записници, издавање на картички, средување на документи, правење кредитни регистри, известување на клиент за новите промоции преку телефон.

- Скенирање апликации, девизни и денарски сметки, издавање на картички за банкомат.

- Пополнување на документи за кредити и кредитни картички, платни налози и други активности поврзани со банкарство.

- Многу одговорни, извршував задачи кои ги извршува мојот ментор. Работа со клиенти, работа со систем, подготовка на сите документи. Бев запознаена со целосната процедура на работа во тој сектор.

- Пополнување апликации за трансакциски сметки (апликациите можат самите клиенти да си ги пополнат), средување изводи (расфрлани по биро, па на госпоѓите најлесно им беше да ни ги дадат, да ги средиме, за што помалку да им се врткаме на биро додека работат), копирање лични карти (најчесто во простории на други катови), одење по бурек, цигари....

 

Заклучок:

Очекуваме дека добиените резултати од спроведената анкета ќе имаат придонес во понатамошното унапредување на практичната настава и дека банките ќе ги согледаат ставовите и мислењата на студентите и ќе почнат максимално да го користат нивниот потенцијал. На овој начин ќе се зголеми интересот и мотивацијата за дополнително посетување на практична настава кај студентите која нема да значи само формално добивање на потпис туку ќе биде вистинска подготовка за понатамошните предизвици во кариерата. 

Last modified on Sunday, 05 November 2017

За Нас

Банкарство.мк го сочинува млада новинарска екипа која известува за најновите случувања во светот на Банките, за предизвиците во Банкарскиот сектор и очекувањата на водечките Банкари. На нашиот портал можете да прочитате и совети за управувањето со личните финансии.