Connect with us

Домашни банки

ТТК Банка оствари позитивен финансиски резултат во првото полугодие од 2017 година

Објавено

на

ТТК Банка АД Скопје во првото полугодие од 2017 година дејствуваше во насока на остварување на своите приоритетни цели и задачи дефинирани во Деловната политика и во Финансискиот план на Банката за 2017 година, при што во текот на периодот го прилагодуваше своето работење на тековните економски и пазарни услови на стопанисување.

 

Известување за промени во сметководствените политики и методи на вреднување

Во првото полугодие од 2017 година нема промени во сметководствените политики и методи на вреднување.

 

Финансиски остварувања на Банката

Во периодот јануари – јуни 2017 година, Банката оствари позитивен финансиски резултат во износ од 35,7 милиони денари и со тоа реализираше значително повисок финансиски резултат во однос на истиот период минатата година кога истиот изнесуваше 8,8 милиони денари.

 

Нето-приходите од камати претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето. Остварените нето-приходи од камати во првото полугодие од 2017 година забележуваат 100% реализација на Буџетот, односно целосно се во согласност со планираното ниво на нето-приходи од камати за овој период. На годишно ниво, зголемената кредитна активност на Банката кон секторот домаќинства и секторот нефинансиски друштва резултира со зголемени приходи од камати, но истовремено порастот на депозитите влијае и на повисоки расходи за камати. Пониското ниво на исправката на приходот од камата, во однос на минатата година, дополнително влијае на нивото на нето-приходите од камата да забележи надолна промена од 4,7% во однос на истиот период минатата година.

 

Континуираната понуда на кредитни производи со конкурентни и атрактивни услови, зајакнување на кредитната активност споредено со истиот период лани, како и доброто управување со трошоците влијаеа позитивно на реализацијата на планираното ниво, односно нето приходи од провизии и надоместоци за услуги го надминуваат планот со степен на негова реализација од 101%.  Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги во првото полугодие од годината изнесуваат 62,2 милиони денари. Најголем придонес во структурата на оваа позиција имаат приходите од провизии коишто потекнуваат од платниот промет во земјата и во странство за правни и физички лица, но исто така и од генерираните провизии од сегментот кредитирање.

 

Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 4,8 милиони денари и во однос на минатата година се задржуваат на исто ниво. Остварувањето го надминува планот со 108% реализација.

 

Во текот на првото полугодие од 2017 година, Банката реализираше продажба на дел од преземениот имот при што оствари капитални добивки како и наплата на претходно отпишани побарувања. Ефектите од овие настани се одразија на позицијата останати приходи од работењето на Банката, којашто изнесува 43,1 милиони денари. Степенот на исполнување на планот е 168%.

 

Вкупните оперативни трошоци во анализираниот период изнесуваат 161,1 милиони денари и споредено со истиот период минатата година се повисоки за 3,9%, како резултат на зголемен обем на активности. Повисоки трошоци се забележуваат на трошоците за вработени, материјали и услуги, како и на трошоците за амортизација. Степенот на исполнување на планот е 98%.

 

Во согласност со Одлуката за сметководствениот и регулаторниот третман на средствата преземени врз основа на ненаплатени побарувања, заклучно со месец јуни 2017 година, евидентирана е загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа во износ од 10,5 милиони денари, што е за 63,3% пониско оштетување во однос на минатата година. Подобрувањето на споменатата позиција се должи на континуирани напори за продажба на преземените средства.

 

Исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа во анализираниот период изнесува 30,7 милиони денари и издвоените исправки на вредност соодвествуваат со обемот, структурата и квалитетот на пласманите на Банката.

 

Исплатени дивиденди

На Седницата на Собранието на акционери на ТТК Банка АД Скопје, одржана на 31.3.2017 година, беше донесена Одлуката за определување на износот на дивидендата и датуми на исплата на дивидендата, со која се исплати дивиденда за 2016 година во бруто-износ од 74.648.494 денари или висината на бруто-дивидендата по акција изнесуваше 82,22214 денари, односно 8,222214% од номиналната вредност по акција.

 

Вложување или продажба на материјални средства (недвижности, постројки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30% од вредноста на средството споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)

Материјалните средства (недвижности, постројки и опрема) се пониски за 3,6% во однос на декември 2016 година, што главно се должи на амортизацијата на основните средства.

 

Промени во кредитни задолжувања (намалување или зголемување поголеми од 30% споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)

Обврските по кредити во однос на декември 2016 година бележат намалување за 7,2%, како резултат на повисокиот износ на отплата на обврските по кредити користени преку МБПР (ЕИБ, Земјоделски кредитен дисконтен фонд, Италијанска кредитна линија и Посебен кредитен фонд) во однос на повлечените нови транши од кредитните линии на МБПР за кредитирање на стопанството.

 

Очекувања за претстојниот период

Банката во наредниот период ќе биде насочена кон обезбедување стабилно и профитабилно оперативно работење. Растот на кредитната активност на Банката се очекува да биде на ниво на планираниот раст на БДП, преку зголемување на уделот на работа со населението во вкупните активности на Банката и задржување на фокусот за работа со мали и средни претпријатија. Потпирањето на сопствените извори на финансирање и понатаму ќе биде основа на деловната стратегија, при што и натаму депозитите од секторот население остануваат со доминатно учество во вкупните извори на средства.

Во текот на 2017 година Банката ќе продолжи со преземање интензивни мерки и активности за наплата на нефункционалните кредити и подобрување на квалитетот на кредитното портфолио и активности поврзани со продажба на преземениот имот, кои би влијаеле позитивно на финансискиот резултат на Банката.

Домашни банки

Охридска банка воведува промотивни услови за станбениот кредит „3+2“ и на кеш кредитот „Лесен Кеш Кредит“

Објавено

на

Охридска банка Сосиете Женерал воведува промотивни услови на станбениот кредит „3+2“ и кеш кредитот „Лесен кеш кредит“ со кои им овозможува дополнителни поволности на своите клиенти при купување на нов стан, или куќа, како и олеснување во остварувањето на своите желби преку атрактивната понуда за кеш кредитот.

Промотивно, до 30 април, 2019г., станбениот кредит „3+2“ е достапен за сите клиенти без нотарски трошоци и без административен трошок, а се однесува на сите поднесени апликации во дадениот период. Па така, за станбен кредит во висина од 30.000 евра и рок на отплата од 30 години, со вклучено кредитно животно осигурување, во првите две години каматната стапка изнесува 3,55%, а ратата би изнесувала 143 еур. Од третата до петтата година со фиксна каматна стапка од 4,55% ратата од кредитот би била повторно фиксна и би изнесувала 159 еур, додека пак од шестата година, до крајот на периодот на отплата, ратата би изнесувала 176 еур. За предвремена отплата на кредитот со сопствени средства, нема провизија.

Кеш кредитот, познат како „Лесен кеш кредит“ има промотивни услови кои ги ослободуваат клиентите од административнте трошоци за кредити со вклучено кредитно животно осигурување, а каматната стапка е фиксна за целиот период на траење на кредитот. Оваа понуда се однесува за сите апликации поднесени до 30 април, 2019г. На пример, за износи во висина од 600.000 денари, со рок на отплата од 8 години со моделот (2+6), во првите две години каматната стапка изнесува 6,10%, а следствено на тоа ратата изнесува 8.233 денари со вклучено кредитно животно осигурување, додека од третата до осмата година, ратата од кредитот изнесува 8.736 денари, повторно со вклучено кредитно животно осигурување. За предвремена отплата нема провизија.

Охридска банка Сосиете Женерал со постојана посветеност и атрактивни пазарни понуди им овозможува напредно искуство на своите клиенти, како и квалитетни финансиски услуги кои совршено одговараат на нивните специфични потреби.

Повеќе информации за дополнителните промоции на Банката може да прочитате на веб страницата на Банката, или да побарате информации во Контакт центарот на телефонскиот број (02) 15 050.

Продолжи со читање

Домашни банки

ОТП банка не е соодветен купувач на Охридска банка!

Објавено

на

Преземањето на Охридска банка Сосиете Женерал, како и воопшто продажбата на подружниците на Сосиете Женерал во регионот е топ тема во банкарските кругови изминатиот период.

Иако претходно најавивме дека ОТП Банка бара соодветен модел за преземање на Охридска банка, сепак до таква трансакција нема да дојде. Неофицијално се коментира дека високи функционери во оваа унгарска банка биле вмешани во афери со перење на пари, што за НБРМ ги прави неповолен инвеститор за во Македонија. Официјалната причина сепак е дека рејтингот на ОТП група не е соодветен за преземање на подружница која припаѓа на Сосиете Женерал, која е мошне моќна групација.

Претходно, НБРМ обелодени дека дозвола за купување на Охридска банка ќе биде дадена само на купувач кој е на ист или повисок ранг од Сосиете Женарал. 

Дека Сосиете Женерал си заминува од балканот, а Охридска банка си заминува од Македонија е повеќе од јасно. Периодот што следи останува да се види која групација ќе биде официјалниот купувач.

Следува повеќе…

Продолжи со читање

Домашни банки

БАНКИТЕ ГО ПРОМЕНИЈА ИМЕТО НА ДРЖАВАТА, НАСКОРО ДОКУМЕНТИ СО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Објавено

на

Меѓуресорска работна група за извршување на обврските од конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните излезе со соопштение од одржан работен состанок.

На првиот состанок беа донесени следните одлуки во врска со потребните мерки и активности за извршување на обврските на Република Северна Македонија по влегувањето во сила на Конечната спогодба и Уставните амандмани и Уставен закон на 11 јануари 2019, денес на 12 февруари 2019, со индикативни временски рокови за нивна реализација:

  1. Царинската управа да стави налепници на таблите на граничните премини, државната граница на Република Северна Македонија и на двата аеродроми во Република Северна Македонија, во рок од 3 дена;
  2. Секторот за односи со јавност при Владата на Република Северна Македонија во рок од 7 дена да изработи Книга на графички стандарди со која ќе утврди стандарди за визуелен приказ на уставното име Република Северна Македонија во склоп со државниот грб како лого кое го користат државните институции за јавните табли на влезот од сите институции.
  3. Генералниот секретаријат во рок од 7 дена да изготви софтвер кој ќе ги содржи сите институции од државно и локално ниво, како и димензиите на јавните табли. Промената на сите табли, на централно и локално ниво, да се заврши во рок од 4 месеци.
  4. Сите институции да извршат промена на сите дигитални записи (логoа, меморандуми, електронски комуникации, веб страни, медиуми итн.) во рок од 3 дена.
  5. Сите институции треба соодветно да ги изменат меморандумите, печатените материјали, папките, индикаторите, во рок од 2 недели.  
  6. Министерството за надворешни работи, да ги замени таблите во министерството како и печатите и штембилите во министерството во рок од 2 недели, а во дипломатско-конзуларните претставништва во рок од 3 недели.
  7. Министерството за внатрешни работи да започне со издавање на нови регистерски таблички, во рок од 4 месеци. Во меѓувреме, како преодно решение, МВР ќе обезбеди налепници со ознака „NMK” за регистарските таблички на возилата.
  8. Министерството за внатрешни работи да ги преземе потребните мерки и активности за спроведување на решение во преодниот период до создавање технички претпоставки за издавање на нови патни исправи. Издавањето на нови пасоши да започне од крајот на 2019г. Во преодниот период, Министерството за внатрешни работи при излез од или влез во Република Северна Македонија, во постојните и новоиздадените во преодниот период патни исправи ќе биде ставен печат кој ќе појасни дека патните исправи припаѓаат на Република Северна Македонија.
  9. Народната банка, со оглед на комплексноста на постапката, да направи анализа и план на неопходните активности за постепена замена на банкнотите, со оценета временска динамика, во рамките на редовните нови емисии, водејќи сметка за макроекономската стабилност; првите нови банкноти со новото име на Народната банка би можеле да бидат изготвени на почетокот на 2020 г. и потоа, сукцесивно, да бидат целосно заменети најдоцна во рок од 5 години од отворањето на релевантното ЕУ поглавје.
  10. Сообраќајните знаци на меѓународните патни правци во земјата, давајќи предност на ендонимите (во англиска транскрипција) врз егзонимите (на македонски јазик во кирилско писмо) да се променат во рок од 2 месеци.
  11. Во рок од 6 месеци да се направи преглед и ревизија на статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктура и доколку се однесува на античката хеленска историја и цивилизација како дел од историското наследство на Грција, да се преземат соодветни корективни мерки и активности.
  12. Во рок од 6 месеци, да се пристапи кон отстранување на симболот истакнат на поранешното национално знаме од целиот јавен простор и јавна употреба. Археолошките артефакти се изземени.

Согласно донесените Одлуки, банките во предвидените рокови ќе бидат обврзани називот од Република Македонија да го променат во Република Северна Македонија.

На англиски јазик, називот ќе гласи Republic of North Macedonia.

Промените ќе се имплементираат во Договори, Анекси, Дописи, веб страните, email комуникацијата и сите други документи каде се јавува името на државата.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2018 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange