Connect with us

НБРМ

Редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ

Објавено

на

На 9 јануари 2018 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата беше оценето дека монетарната поставеност е соодветна и беше одлучено аукцијата на благајнички записи на 10 јануари да се спроведе под непроменети услови, односно да се понудат благајнички записи во износ од 25.000 милиони денари и каматна стапка од 3,25%.

Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија во контекст на макроекономските проекции од ноември минатата година, при што беше заклучено дека економските основи се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата. Сепак, беше истакнато дека сѐ уште постојат сегменти каде што се присутни одредени ризици и коишто упатуваат на потреба од одржливо подобрување на очекувањата и довербата на економските субјекти. Во вакви услови на здрави економски основи, но и понатаму присутни ризици, потребна е внимателност во однос на промените во монетарната поставеност.

Во однос на најновите макроекономски показатели, по падот на активноста во првата половина на 2017 година и умереното закрепнување во третиот квартал, досега расположливите високофреквентни показатели за активноста во последното тримесечје од минатата година, генерално упатуваат на понатамошно закрепнување на економијата. На ваква констатација посочуваат податоците за активноста во индустријата и во трговијата, додека градежната активност продолжи да се намалува. Воедно, на подобри економски услови во последното тримесечје посочуваат и показателите за економскиот сентимент на економските субјекти.

Податоците за инфлацијата за 2017 година покажуваат просечен годишен раст на ценовното ниво од 1,4%, кој се должи на растот на базичната инфлација, а во мал дел и на енергетската компонента. Остварувањата кај инфлацијата се во согласност со проектираната просечна инфлација за 2017 година од 1,3%. Во услови на остварувања во рамки на проекцијата, а при истовремена ревизија на очекувањата за одделните увозни цени во различни насоки, засега ризиците околу проектираната инфлација за 2018 година од 2% се оценуваат како урамнотежени.

Во последното тримесечје од минатата година, девизните резерви забележаа раст, во услови на поволни движења на девизниот пазар и интервенции на НБРМ со нето-откуп на девизи. Движењата на резервите во последниот период се подобри од очекувањата, a сите показатели за адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона.

Бројот на расположиви податоци за надворешниот сектор за последното тримесечје е ограничен, но засега достапните податоци за надворешната трговија заклучно со ноември минатата година и податоците за менувачкото работење, како клучни компоненти на тековната сметка, упатуваат на нешто помал дефицит во тековната сметка од очекуваниот.

Во отсуство на нови податоци за монетарните и кредитните агрегати и понатаму остануваат оцените дадени во ноемвриските податоци, според кои депозитните и кредитните текови се движат во согласност со очекувањата. Монетарните податоци за ноември минатата година, слично како и во октомври, покажаа солиден месечен прираст на вкупните депозити во банкарскиот систем како резултат на депозитите на населението, но и на прирастот на корпоративните депозити. На годишна основа, во ноември, вкупните депозити забележаа раст од 5,7%. На кредитниот пазар кредитирањето продолжи забрзано да се зголемува, при речиси рамномерна распределба на кредитите кај секторот „население” и кај корпоративниот сектор, при што вкупната кредитна активност забележа годишен раст од 5,6%.

Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот, ликвидноста во банкарскиот систем забележа релативно висок раст, што се должи на интервенциите на Народната банка за откуп на девизи од банките поддржувачи, во износ од 44,7 милиони евра. Релативно високиот откуп на девизи во анализираниот период беше остварен во услови на поволни движења на девизниот пазар, коишто се манифестираа со раст на понудата на девизи од менувачниците, како сезонски ефект пред божиќните и новогодишните празници и пониска нето-побарувачка на девизи од фирмите, на месечна основа. Со овие движења, на збирна основа, во 2017 година Народната банка оствари релативно висок нето-откуп на девизи во износ од 65,6 милиони евра.

Во текот на декември минатата година, банките ги надоместуваа краткорочните ликвидносни потреби на пазарот на меѓубанкарски депозити, а дел од вишокот слободни ликвидни средства, банките го насочија во расположливите депозити кај Народната банка.

Во текот на минатиот месец во фокусот на вниманието на пазарните учесници на меѓународните финансиски пазари беа состаноците на ЕЦБ и на ФЕД. На состанокот на ЕЦБ беше потврден ставот за продолжување на програмата за откуп на хартии од вредност најмалку до септември 2018 година, додека прогнозите за економскиот раст на еврозоната беа ревидирани нагоре. Притоа, и во текот на минатиот месец, објавените макроекономски податоци за еврозоната беа поволни, што овозможи зајакнување на вредноста на еврото. Како резултат на тоа, во текот на 2017 година еврото забележа апрецијација од околу 14% во однос на американскиот долар, што главно се поврзува со намалените согледувања за политички ризици и солидните економски остварувања во еврозоната. Во САД, на состанокот на ФЕД беше донесена одлука за зголемување на таргетот за распонот на каматните стапки за 25 базични поени, на ниво од 1,25% до 1,5%, при натамошно подобрување на условите на пазарот на труд и солидни економски остварувања. Исто така, беше усвоена даночната реформа, согласно со предлозите на американскиот претседател, што придонесе за зголемување на приносите на американските државни обврзници.

Сумирано, на седницата беше заклучено дека тековните економски и финансиски услови, како и постоечките ризици, укажуваат на тоа дека постојната монетарна поставеност засега е соодветна. Екстерната позиција, доколку се оценува според остварувањата кај тековната сметка на билансот на плаќања, генерално е во рамки на очекувањата и покажува задржување на здравите економски основи.

Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи сите економски показатели и случувањата во домашната економија, при што идните промени во монетарната политика во голема мера ќе бидат условени од движењата во домашната економија и екстерниот сектор.

 

НБРМ

НБРМ ja задржа каматната стапка на благајничките записи на 2,75%

Објавено

на

На 13 ноември 2018 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и состојбите и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

По олабавувањето на монетарната политика во август 2018 година, Комитетот на ноемвриската седница оцени дека тековната монетарна поставеност е соодветна, при што одлучи да ја задржи каматната стапка на благајничките записи на нивото од 2,75%. На седницата, исто така, беше одлучено на аукцијата на 14 ноември понудата на благајнички записи да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари.

Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија во контекст на новите октомвриски макроекономски проекции, при што повторно ги потврди согледувањата дека економските фундаменти се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата, видливо преку стабилните инфлациски остварувања и натамошните поволни движења на девизниот пазар. Динамиката и валутната структура на штедењето на домаќинствата и натаму упатува на стабилни очекувања и поволни согледувања. Воедно, ризиците за економијата од неизвесното домашно и надворешно окружување и понатаму се присутни.

Во однос на најновите макроекономски показатели, по растот на економијата од 1,6% во првата половина на годината, високофреквентните показатели за економската активност расположливи досега, општо земено, упатуваат на заклучокот дека движењата се слични како во вториот квартал од годината. На ваквиот заклучок посочуваат податоците за растот на индустријата и трговијата, при сè уште негативни остварувања кај градежната активност.

Податоците за инфлацијата за октомври упатуваат на континуитет на досегашните движења, при што просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени во периодот јануари-октомври изнесува 1,5%, движена во најголем дел од базичната инфлација и цените на енергијата. Во однос на показателите од надворешниот сектор, нивниот број е ограничен, а податоците расположливи досега упатуваат на поволна надворешна позиција. Показателите за адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона.

Првичните монетарни податоци за октомври покажуваат солиден месечен прираст на вкупните депозити во банкарскиот систем. Позитивните придвижувања во најголем дел се одраз на растот на корпоративните депозити, а позитивен, но помал придонес има и штедењето на домаќинствата. Во октомври продолжи месечниот раст на кредитите, но со поумерено темпо, при што најголем дел од растот произлегува од кредитирањето на домаќинствата.

Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот се задржа поволната ликвидносна состојба во банкарскиот систем, пред сѐ заради натамошните интервенции на НБРМ за откуп на девизи во вкупен износ од 50,2 милиона евра во октомври. Присуството на НБРМ со откуп на вишокот девизни средства на девизниот пазар е поврзано со стабилната девизна ликвидност на банките, којашто и натаму е солидна и овозможува целосно задоволување на нето-продажбите на девизи за потребите на клиентите.

Дополнително влијание за зголемена понуда на девизи на меѓубанкарскиот пазар имаше и приспособувањето на девизните позиции на банките во услови на зголемување на нивните инвестиции во финансиски инструменти со валутна компонента. Поволните движења на меѓубанкарскиот девизен пазар се одржуваат и на почетокот на ноември, така што НБРМ продолжи да интервенира со откуп на вишокот девизи. Со оглед на ваквите остварувања, кумулативниот откуп на девизи на НБРМ од почетокот на годината заклучно со 12 ноември изнесува 298,1 милион евра. 

Банките ги регулираа краткорочните флуктуации кај денарската ликвидност во текот на октомври на пазарите на пари, а вишокот денарски средства го пласираа во расположливите депозити преку ноќ кај НБРМ. Со тоа, се овозможува флексибилно управување со средствата и нивна расположливост за брза мобилизација заради зголемена кредитна поддршка на економските субјекти.

Во октомври, на меѓународните финансиски пазари беа забележани променливи движења при зголемена одбивност за преземање ризик од страна на инвеститорите, во услови на неизвесен исход во однос на активностите поврзани со буџетската политика во Италија, како и умерено понеповолните макроекономски показатели за еврозоната. Покрај тоа, оцените за поумерен глобален раст во наредниот период од страна на Меѓународниот монетарен фонд, како и надолното приспособување на проекциите од страна на Европската комисија упатија на можно забавување на економската активност во еврозоната и во наредната година. Во такви околности, беше забележано намалување на светските берзи на акции, а при зголемена побарувачка за безбедни инструменти, цените на европските државни должнички хартии од вредност се зголемија. Очекувањата на инвеститорите за одржување на понудата на нафта на релативно високо ниво, и покрај санкциите на САД врз извозот на Иран, условија надолно движење на цената на нафтата којашто се сведе на најниското ниво во последните два месеци.

Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека последните макроекономски показатели генерално се движат во согласност со очекувањата, а согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика главно се непроменети во однос на претходната оцена. НБРМ и во следниот период внимателно ќе ги следи сите економски показатели и случувањата во домашната економија и надворешното окружување во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Продолжи со читање

НБРМ

НБРМ во соработка со експерти на ЕЦБ и ЕСЦБ: работилница за управување со податоците за статистички потреби

Објавено

на

Народната банка на Република Македонија, во соработка со експерти од Европската централна банка и Европскиот систем на централни банки, денес организира работилница на тема „Управување со податоците за статистички потреби на централните банки и доверливост на статистичките податоци“. (more…)

Продолжи со читање

НБРМ

Излагање на гувернерката на НБРМ на претставувањето на најновиот Регионален економски преглед за Европа на ММФ

Објавено

на

На претставувањето на есенскиот Регионален економски преглед за Европа на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) што се одржа вчера, во Копенхаген, Данска, излагање имаше и гувернерката на Народната банка на Република Македонија, д-р Анита Ангеловска-Бежоска. Таа и гувернерот на Централната банка на Данска, м-р Пер Калесен, изнесоа свои видувања и оценки за одделни области опфатени со Прегледот, откако за главните наоди и согледби претставени во него, најпрво говореше директорот на Дирекцијата за Европа на ММФ, м-р Пол Томсен. (more…)

Продолжи со читање
P2_P_MK_300x250

Популарно

Copyright © 2018 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange