Connect with us

Интервјуа

Очекувања на г-дин Глигор Бишев [Шпаркасе Банка Македонија] за случувањата во банкарскиот сектор во 2018 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2018 година, се обративме до членовите на Управните одбори на Банките во Македонија, со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките.

За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на г-дин Глигор Бишев како претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка Македонија.

Банкарство: Дали очекувате позначајни промени на кредитата политика на Банките, од аспект на движењето на каматните стапки во банкарскиот сектор и како сето тоа ќе влијае на побарувачката на кредити во Македонија?

Глигор Бишев: Во 2018 година, акцентот ќе биде поставен на квалитетот на финансирањето, а не на квантитетот. За растот на компаниите нема да бидат потребни само кредити, туку и капитал – вложувања од страна на сопствениците што претставува основа за позајмување од Банките. Капиталот на компаниите како и кај банките е основа за преземање на ризици и експанзија. На тој план не постои разлика помеѓу компаниите и банките. Во 2018 година ќе дојде и до поголема сегментација на клиентите на банките. Нискоризичните клиенти, со добра капитализираност и нискоризични проекти ќе можат да се задолжуваат по ниски каматни стапки. Компаниите со ниска капитална сила и повеќе ризични проекти ќе имаат потежок пристап до банкарски кредити и со повисоки каматни стапки. Од тој аспект, овие компании ќе бидат упатени на финансирање кај инвестициските фондови, “mezzannine” финансирање или привлекување на нови сопственици.

Банкарство: Во која насока ќе се движат каматните стапки кај депозитите за физичките лица во тековната година, дали очекувате зголемување на депозитното портфолио или можеби клиентите ќе се одлучат своите слободни средства да ги насочат кон една од алтернативите (животно осигурување, инвестирање во берза, итн.)?

Глигор Бишев: Обликот на штедење зависи од нивото на доход, приносот и склоноста кон ризик. Со растот на доходот и животниот стандард, покрај штедењето во форма на депозити се зголемува склоноста да се штеди и по пат на животно осигурување, удели во инвестициски фондови, приватно пензиско осигурување и купување на акции. Последните облици на штедење ќе имаат се поголемо значење кај сегментот на населението со висок доход. Банките треба да бидат подготвени да ги советуваат своите клиенти, кои се предностите и слабостите на секој облик на штедење. Населението зависно од приносите што ги очекува и склоностите на прифаќање на ризик ќе носи одлуки во кој облик ќе штеди, а банките ќе треба на ефикасен начин да ги реализираат желбите на клиентите.

Банкарство: Fin Tech иновациите се повеќе се застапени во банкарскиот сектор. Дали банките во Македонија ќе бидат во чекор со светските трендови и какви иновации можеме да очекуваме во банкарскиот сектор во 2018 година?

Глигор Бишев: Финансиските технологии се повеќе ќе доминираат во работењето на банките. Тоа е иреверзибилен процес. Меѓутоа, тој процес нема да се случи преку ноќ. За имплементирање на истото ќе бидат неопходни огромни вложувања кај банките и соодветно ниво на писменост кај економските субјекти. Може да кажеме дека тоа ќе биде процес кој ќе доминира во наредната декада во преструктуирањето на банките. Банкарството ќе стане анализа на податоци за клиентите која целосно ќе се одвива по електронски пат. Филијалите ќе бидат реткост, место за интеграција помеѓу банката и клиентот, советодавно место за контакт со клиентите. Меѓутоа, овој процес ќе бара и огромни вложувања од страна на банките и поседување на критична големина за ваквите вложувања да бидат исплатливи. Мал број на банки во Македонија ќе можат да го реализираат тоа. Големината на банката ќе биде битна. Тоа ќе детерминира банките да нудат голем број на други комплементарни услуги за клиентите: банките ќе станат финансиери и реализатори на желбите на компаниите и населението што можат да си го дозволат, согласно нивната кредитна способност.

Банкарство: Што да очекуваме од Шпаркасе Банка Македонија во 2018 година?

Глигор Бишев: Во 2018 година, Шпаркасе Банка Македонија ќе прослави 10 години во Македонија. Согласно гласовите на студентите, банката две години по ред (2016 и 2017) ја добива наградата STUBRAND, додека според репутацијата и препознатливоста во 2017 година го зазеде четвртото место. Во 2018 и годините што следат имаме намера овие остварувања да ги зајакнеме и да го продолжиме патот на стабилно и иновативно работење, да ги исполнуваме желбите на клиентите што тие можат да си ги дозволат согласно нивната кредитна способност. Општествената одговорност кон заедницата каде што работиме ќе ја продолжиме се со цел да придонесеме кон инклузивен и одржлив економски раст на Република Македонија.

Интервјуа

Очекувања на менаџментот на Охридска банка за случувањата во банкарскиот сектор во 2018 година

Објавено

на

На почетокот на тековната 2018 година, се обративме до менаџментот на Банките во Македонија, со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките.

(more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју со дел од Retail тимот на Капитал Банка АД Скопје

Објавено

на

Разговаравме со  Јана Дишлијев – Раководител на Секторот за физички лица, Катерина Бранова – Координатор за кредитирање и Сузана Бошковска Златаревска – Експерт за маркетинг и развој на нови производи. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју СЕРГЕЈ ЗАФИРОСКИ: Максимална заложеност, постојан фокус и врвна професионалност се магичниот рецепт за успешен бизнис

Објавено

на

Сергеј Зафировски, еден од најперспективните млади менаџери и претприемачи, кој со својата агенција за истражување на пазарот и стретегиски маркетинг Insider ID го придвижува напред корпоративниот свет во Македонија. Својата кариера ја започнува во 2008 година и има искуство во повеќе компании на позициите за продажба и планирање, најчесто во средно или високо ниво на менаџмент. Во 2011 година одлучува да го напушти корпоративниот свет и да започне свој бизнис, кој од ден во ден прераснува во уште една успешна приказна. 

 

Банкарство: Сергеј како дојдовте до идејата за основање на Insider ID, кажете ни нешто повеќе за Вашите почетоци и накратко претставете ја Вашата агенција?

Сергеј Зафироски: Анализата и податоците долго време ме привлекуваа како професија, бидејќи верувам дека моментално, а уште повеќе во иднина успехот доаѓа од тој што ја има примарната информација. Конкретно за почетокот имав друг негативен поттик, но тоа не е целта на прашањето бидејќи тоа е интервју само за себе. Во кратки црти, компаниите во Македонија особено домашните, имаат потреба од навремена, точна и применлива информација во секојдневното работење.

Од друга страна, ние како економисти во бизнис секторот единственото што можеме да го направиме за нашето општество е да основаме и водиме компании во кои ќе се вработуваат луѓе, ќе се плаќа данок и ќе се придонесе за поуспешна и поперспективна држава. Воедно и наша обврска е во иднина да се прошири интернационално и да биде глобален играч, бидејќи општеството и светот се веќе глобализирани додека за “локалните патриоти” многу брзо ќе се изгуби простор на пазарот.

Што се однесува до самиот старт, во Македонија е исклучително тешко. Кога ќе кажам исклучително, луѓето што немале бизнис не можат тоа ни да го замислат. Живееме во исклучително тешко и непрофисонално општество каде меѓу другото и бизнис опкружувањето е поставено на чудни вредности и правила на игра.

Банкарство: Како е да се води мал бизнис во Македонија?

Сергеј Зафироски: Која е веројатноста да преживеете во обичен незаштитен скафандер на сред океан? Имате некоја екстремно мала веројатност, но најверојатно ќе се удавите колку и да сте физички подготвени! Е сега тие што се физички поспремни можеби и ќе можат да го дочекаат бродот за спасување.

Во главно така изгледа моменталната ситуација за водење на бизнис во Македонија. Работиме од наутро до доцна навечер за да обезбедиме само проста репродукција на компанијата и ништо повеќе. Дополнување на тешкото бизнис окружување е и самата негативност и инертност на жителите и потенцијални вработени во нашата земја. Кај нас секој чека некој нешто да му даде се разбира без да сработи ништо за тоа.
За среќа има одреден број на компании кои се екстремно сериозни и професионални и ми даваат ентузијазам и желба да продолжам со работењето и заеднички да направиме нешто. Всушност имаме компании во Македонија на кои можат да им позавидат и поголемите западни конкуренти, бидејќи успеале да се издигнат во окружување како балканското и да направат светски препознатливи брендови. Говорам и за компании од Србија, Бугарија и Албанија.

Првата можност за нас како мали компании од регионот е здружување во кластери, спојувања и аквизиции со што понудата и можноста за испорака на големи проекти ќе ја зголемиме неколкукратно. Но, и тука наидуваме на проблем, поради немање на историја во такви активности. Прво нема кој да даде совет како се извршува едно припојување, ниту од консултантскиот, адвокатскиот или било кој бизнис сектор. Едноставно спојувањето би го решавале сопствениците на “пазарџиски” начин што доведува до нејасно дефинирање на одговорностите, а со тоа и пропаѓање на компанијата. Всушност добро е доколку воопшто се достигне фазата на припојување бидејќи довербата помеѓу македонските бизнисмени е на ниво под нулата.

Втората можност е започнување на продажба на производите и услугите на странски пазари, кое доколку се комбинира со првата наведена би била многу поинтересна. Настапот на странски пазар самостојно е многу тежок, побарува многу средства и се разбира многу работа. Поделбата на сите работи помеѓу неколку членови на кластер и тоа како ќе ја поедностави работата и ќе ја зголеми веројатноста за успех.

Лично се обидувам да воспоставам посериозна партнерска мрежа помеѓу неколку компании со кои се зближивме во последните неколку години и истата можам со задоволство да кажам дека има солиден успех. Можеби формално правно не е решена, но од аспект на бизнис, преку поделба на контакти и ресурси кога за тоа има потреба сум презадоволен. 

Професионално кластерско здружување треба да биде насоката кон која треба да се движат македонските мали и средни претпријатија, а за тоа треба и соодветна правна и консултантска поткрепа која за жал моментално ја немаме.

Од позитивната страна сум посетил и како компанија соработуваме со фабрики во Македонија кои работат по највисоките светски стандарди и се држат до највисокоте правила на игра. Имаме менаџери кои апсолутно се покажаа како големи професионалци и можат да “играат”и во светски рамки.

Повторно треба да имаме во предвид дека за креирање на успешна компанија и себеси како добри нејзини менаџери потребно е екстремно многу работа и тим кој е подготвен на се.

Банкарство: Постои ли магичен рецепт за создавање успешен и растечки бизнис?

Сергеј Зафироски: Се разбира дека постои, 100 работни часа неделно, постојан фокус само на работата и врвна професионалност. На прв поглед многу едноставен рецепт, но тешко остварлив кај 99% од луѓето. Ретко кој може да се откаже од приближно се приватно и да се фокусира само на работата и тоа 24/7 до крајот на животот. Да тестираме колку млади луѓе се подготвени наместо во Петок и Сабота да излезат во гред, да работат до 2-3 часот наутро, точно ќе се дефинира зашто имаме толку неуспешна младина и неуспешни компании.

Вториот е фокусот кој треба да се има во бизнисот. Без фокус има само секојдневно “лутање” по тоа што треба бизнисот да прави и како да прави профит. Доколку сакате нешто да остварите фокусирајте се само на тоа, испланирајте го патот и не дозволувате странични активности и проблеми (вклучувајќи ги и приватните) да ве исфрлат од баланс.

Третиот е висока професионалност која треба да ја одржите постојано, секојдневно на секој проект кој го работите. Очекувано е дека ќе имате успони и падови и во професионалноста и во приватниот живот, но секогаш треба да останете максимално професионални.

Секогаш тоа го кажувам, дека досега не сум запознал сопственик на бизнис кој работи 2 часа на ден и поседува успешна компанија, и многу ретко запознавам менаџери кои успешно балансираат приватен со бизнис живот.

Банкарство: Што добиваат компаниите од услугите кои им ги нудите?

Сергеј Зафироски: Се обидуваме и успеваме во тоа, компаниите да добиваат нови и уникатни начини на водење на нивниот бизнис. Истражувањето само по себе е одлична алатка и начин на добивање на нови информации, но е безвредно доколку не биде имплементирано во секојдневното работење. Од истражувањето произлегува идната стратегија, која неретко ја правиме заедно со нашите клиенти/партнери се со цел да се унапреди нивното целокупно работење.

Банкарство: Дали имате незадоволни клиенти?

Сергеј Зафироски: Како и секој друг бизнис и ние имаме мал број проекти и активности со кои не би можеле да се пофалиме и не се гордееме. Сепак без нив не би можеле да одиме напред и да знаеме каде грешиме. Би било многу убаво да не учиме баш на такви грешки и да немаме назадоволни клиенти но сепак ги има.

Банкарство: Колку е долг и макотрпен процесот на создавање на атрактивен и неодолив производ или услуга за клиентите преку кој ќе успеете да го придобиете клиентот долгорочно?

Сергеј Зафироски: Е тоа е екстремно тешко. Иако секогаш велам дека не постои нешто што е тешко и нешто што не може да се постигне, сепак креирањето на услуга која ќе го привлече вниманието на потенцијалниот клиет и во исто време ќе донесе одлука во неговата глава дека тоа е тоа од што има потреба е вистинска уметност.

Реално веќе не постои нешто што е долгорочно, а со тоа и долгорочно атрактивен и неодолив производ. Секоја идеа, производ или услуга без разлика на нејзината сложеност или уникатност е подлежна на копирање. И ние самите со сигурност барем делови или бизнис модели сме превземале иако се обидуваме да бидеме уникатни.

Банкарство: Insider ID е веќе 4-та година на пазарот во Македонија. Гледано од денешна перспектива дали сметате дека ги остваривте целите кои ги имавте на почетокот и што е следно што можеме да очекуваме од Insider ID?

Сергеј Зафироски: Дали сме ги оствариле целите, парцијално да. Постигнавме голем успех, во тоа нема сомнеж, доколку се споредиме со позицијата од која почнавме, во моментов сме на едно многу понапредно ниво. Кога ќе се присетам на почетокот немавме пари за кафе надвор од канцеларија што е различно од турско да пиеме, а сега се појавуваме и презентираме на конференции како AllWeb, GS1, постојано имаме интервјуа, објави, статии и слично. Да не збориме колку клиенти и со колку луѓе се имаме запознаено и работено.

Додека парцијалното не, го пронаоѓам во најголем дел како грешки кај мене самиот, поради тоа што едноставно во одредени моменти немам мотивација, а и кондиција. Од друга страна оформувањето на тимот е екстремно тежок процес, кој еве после 4 години некако успеавме да започнеме со негово затворање и на крај нормално е целата состојба во државата и регионот.
Единственото нешто што не би сакал да го доживеам е главните приходи на фирмата да бидат од Македонија како што е тоа случај во моментов. Иако работиме во повеќе држави како соработници, немаме континуирано тим кој ќе работи во останатите балкански земји и кој ќе врши продажба и истражувања.

Мојата визија е да имаме претставништва во неколку балкански земји и континуирано да работиме на цел балкански полуостров. И за понатаму имаме планови, но сеуште е многу рано за воопшто и разговараме за истото.

Ако нешто не сакам и не поддржувам кај македонските компании е тоа да се задоволат да бидат “локал патриоти” на пазар кој да бидеме реални е екстремно мал.

 

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2018 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange