Connect with us

НБРМ

НБРМ: Минимален пораст на депозитите во денари кај граѓаните на сметка на корпоративните депозити

Објавено

на

Советот на Народната банка денес ја одржа својата петнаесетта седница на која беше разгледан Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во третиот квартал од 2017 година, при што беше констатирано дека и во третото тримесечје од годинава се одржаа стабилноста и отпорноста на банкарскиот систем, што се темели пред сѐ на неговата задоволителна ликвидносна позиција и стабилна и висока солвентност, иако сѐ уште се слаби остварувањата кај основните банкарски активности, кредитната и депозитната активност.

Во третиот квартал од оваа година, во услови на постепено стабилизирање на очекувањата на домашните економски субјекти, вкупните активности на македонскиот банкарски систем продолжија да растат, односно бележат квартален раст од 0,2%, но забавено во однос на претходниот квартал и во однос на истиот период од минатата година. По минималниот раст на депозитната активност кај банките во вториот квартал од 2017 година, растот на депозитите од нефинансиски субјекти во третото тримесечје од годината забрза, но зголемувањето сѐ уште е скромно и изнесува 0,4%. Растот на депозитите произлегува од депозитите на домаќинствата, при натамошно намалување на корпоративните депозити. Склоноста за штедење во домашна валута, којашто беше намалена како последица на домашната политичка криза во 2016 година, бавно се враќа, што се согледува преку скромниот раст на денарските депозити од домаќинствата од 0,2%. Генерално, скромниот раст на активностите на банките ја потврдува важноста на депозитите за нивното финансирање, чиј потенцијален раст многу зависи од случувањата и настапот на банките на депозитниот пазар и одржувањето на довербата кај домашните депоненти.

Кредитниот раст продолжи и во третиот квартал од 2017 година со 0,3%, но зголемувањето е побавно во споредба со претходниот квартал за 2,2%. Растот на кредитната активност произлегува од денарските кредити на домаќинствата, при намалена кредитна поддршка за корпоративните клиенти.

Во услови на скромни промени кај кредитната и депозитната активност, во третиот квартал од 2017 година, повеќе дојдоа до израз промените на некои други ставки од билансите на банките. На страната на актива, забележителен е растот од 14% на краткорочните пласмани кај странски банки, при истовремено намалување на вложувањата во хартии од вредност за -5,3%. На страната на пасивата, повисокиот финансиски резултат во третиот квартал од 2017 година, и покрај неговиот пад на годишна основа, го определи растот на вкупниот финансиски потенцијал на банкарскиот систем. Истовремено, во третиот квартал од 2017 година обврските кон матичните субјекти на банките забележаа пад за -12,2%, имајќи го предвид очекуваниот привремен карактер на растот на овие обврски остварен во второто тримесечје од годината, за потребите за исплата на дивиденда.

Показателите за материјализација на кредитниот ризик се одржаа на стабилно ниво. Вкупните нефункционални кредити на банкарскиот систем се намалија за 2,0%, на квартална основа, што е најмногу резултат на затворањето на нефункционалните побарувања од нефинансиски друштва со преземање средства, коишто биле воспоставени како обезбедување за тие побарувања. Учеството на нефункционалните во вкупните кредити на нефинансискиот сектор забележа извесно квартално намалување од 0,2 процентни поена и достигна ниво од 6,6%. Намалувањето на учеството на нефункционалните во вкупните кредити беше присутно во сегментот на нефинансиски друштва и на 30 септември годинава изнесуваше 10,4%, каде што нефункционалните кредити забележаа побрз квартален пад, во споредба со намалувањето на кредитната активност на банките кон овие клиенти. Наспроти тоа, нефункционалните кредити на домаќинствата бележат забрзан раст присутен уште од почетокот на 2017 година, што при истовремено зголемување на пролонгираните кредити и на кредитите кај кои задоцнувањето е помеѓу 61 и 90 дена, укажува на потребата од повнимателно следење и на ова портфолио. Сепак, повисокиот кредитен раст кон домаќинствата го одржува учеството на нефункционалните во вкупните кредити на стабилно ниво од 2,6%, на 30 септември годинава. Високата покриеност на нефункционалните кредити со издвоената исправка на вредноста од 78,3%, при задоволителен обем и квалитет на сопствените средства на банките ги ограничува ризиците од евентуална целосна ненаплатливост на овие кредити за солвентноста на банките.

Ликвидноста на банкарскиот систем е на задоволително ниво, отсликано преку релативно стабилното учество на ликвидните средства во вкупната актива и задоволителната покриеност на краткорочните обврски и депозитите од домаќинства со ликвидните средства. Во третиот квартал од 2017 година, во услови на забавен раст на вкупните извори на финансирање, ликвидните средства на македонскиот банкарски систем забележаа скромно намалување за -0,5%. Малиот квартален пад на ликвидните средства предизвика минимално намалување на показателите за ликвидноста на банкарскиот систем, присутно само кај показателите за денарската ликвидност. Наспроти тоа, во третиот квартал од 2017 година, дојде до стеснување на јазот меѓу средствата и обврските според нивната договорна преостаната рочност, во поголем дел од анализираните рочни сегменти, но најмногу во сегментот до седум дена.

Показателите за профитабилноста на банкарскиот систем во првите девет месеци од 2017 година и натаму се на солидно ниво, и покрај оствареното намалување во споредба со истиот период од 2016 година. Добивката на банкарскиот систем забележа пад на годишна основа, за првпат по шестгодишниот континуиран раст, кој беше особено висок во последните неколку години. Намалениот финансиски резултат е последица на зголемениот трошок за исправка на вредноста на финансиските средства, како и на прилично забавениот раст на нето каматните приходи, пред сѐ заради поголемиот пад на нето каматните приходи од нефинансиските друштва, но и позначителното забавување на растот на овие приходи од домаќинствата. Оттука, невообичаено за традиционалниот македонски банкарски систем, во првите три квартали од 2017 година, некаматните приходи на банките, особено нето-приходите од провизии и надоместоци, имаа највисок придонес, од две третини, во растот на вкупните приходи од редовно работење. Сепак, банките и натаму испорачуваат високи стапки на поврат на просечниот капитал и на просечната актива, од 12,6% и 1,4%, соодветно. Воедно, на годишна основа, оперативната ефикасност на банките забележа подобрување, при што оперативните трошоци зафаќаат половина од вкупните приходи од работењето, што претставува подобрување за половина процентен поен.

Показателите за солвентноста и капитализираноста на банкарскиот систем се зголемија во третиот квартал од 2017 година, што е пред сѐ резултат на растот на капиталните позиции, во услови на прилично скромен раст или дури и намалување на одделните категории активности. Растот на сопствените средства, заради издавањето нови субординирани инструменти, при истовремено намалување на активата пондерирана според ризиците, како последица на помалата кредитна активност со нефинансиските друштва, овозможија подобрување на стапката на адекватност на капиталот до ниво од 16,2%. Освен обврската за исполнување на зашитниот слој за зачувување на капиталот, согласно со регулативата, почнувајќи од 30 септември годинава, системски значајните банки се обврзани да исполнат барем половина од утврдениот заштитен слој на капиталот за системски значајни банки. Овој износ на заштитен слој на капиталот ангажираше дополнителни 3,9% од сопствените средства на банкарскиот систем. Резултатите од спроведеното стрес-тестирање во овој квартал ја потврдуваат стабилноста на банкарскиот систем и неговата отпорност на шокови, при што адекватноста на капиталот на банкарскиот систем не би се намалила под 8%, при ниту една од извршените симулации.

Заради позитивните ефекти врз кредитната активност на банките и севкупната домашна економија, на оваа седница Советот одлучи повторно да ја продолжи примената на нестандардната мерка за намалување на основата за задолжителна резерва во денари на деловните банки за износот на новоодобрените кредити на нето-извозниците и на домашните производители на електрична енергија за дополнителни две години. Следствено, се очекува дека банките ќе продолжат со активна кредитна поддршка на овие компании преку широка понуда на нови кредитни производи и поповолни каматни стапки заради натамошен пораст на придонесот на ова кредитирање за зголемувањето на кредитите на корпоративниот сектор во целина.

На седницата беа разгледани и донесени и Oсновните политики за сметководствено евидентирање и финансиско известување на Народната банка на Република Македонија, со цел усогласување со новиот меѓународниот стандард за финансиско известување (МСФИ) 9 – Финансиски инструменти и напуштањето на примената на МСС 39 Финансиски инструменти – Признавање и мерење. Советот ја донесе и Програмата за работа на Народната банка на Република Македонија за 2018 година, којашто содржи детален преглед на планираните активности за претстојната година. Во рамки на актите коишто се однесуваат на работењето на централната банка за следната година, Советот ги разгледа и ги усвои и Програмата за работа на Дирекцијата за внатрешна ревизија за 2018 година и Среднорочната програма за работа на оваа Дирекција за периодот 2018 – 2020 година. На денешната седница, Советот на Народната банка на Република Македонија ги разгледа и ги усвои и Финансискиот план, Планот за инвестиции и Планот за јавните набавки за 2018 година.

Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.

НБРМ

НБРМ: монетарна и финансиска усогласеност со најновите меѓународни и европски стандарди

Објавено

на

Народната банка на Република Македонија ја известува јавноста дека во текот на јули и август 2018 година, ќе објави податоци од монетарната статистика, статистиката на останатите финансиски институции и статистиката на каматните стапки, по нова методологија. Методолошките промени се направени заради усогласување со препораките од новообјавениот Прирачник и упатство за монетарна и финансиска статистика на Меѓународниот монетарен фонд од 2016 година (MFSMCG – IMF, 2016) и Техничката мисија на ММФ од областа на монетарната и финансиската статистика во НБРМ од 2015 година и придонесуваат за обезбедување квалитетни и конзистентни статистички податоци усогласени со највисоките меѓународни и европски статистички стандарди.

Податоците за одделните статистики ќе бидат објавени во согласност со утврдениот Календар на објавување, а истовремено заради обезбедување конзистентност, ќе бидат објавени и ревидирани временски серии податоци. Динамиката на објавување, по одделни статистики, е следнава:

  • Монетарна статистика: на 20 јули 2018 година, со објавување на податоците за јуни 2018 година, ќе се објави и ревидирана серија податоци за периодот од јануари 2009 година до мај 2018 година;
  • Статистика на каматните стапки: на 31 јули 2018 година, со објавување на податоците за јуни 2018 година, ќе се објави и ревидирана серија на податоци за периодот од 2005 година до мај 2018 година;
  • Статистика на останатите финансиски институции: на 31 август 2018 година, со објавување на податоците за вториот квартал на 2018 година, ќе се објави и ревизија на податоците за првиот квартал на 2018 година;
  • Биланси и прегледи на финансиските институции: на 31 август 2018 година, со објавување на податоците за вториот квартал на 2018 година, ќе се објават и ревидирани податоци за депозитните институции за периодот од првиот квартал од 2012 година до првиот квартал од 2018 година и за останатите финансиски институции за првиот квартал од 2018 година.

НБРМ, покрај податоците, ќе објави и информација за клучните методолошки промени, како и нови методолошки објаснувања.

Продолжи со читање

НБРМ

Нов работен материјал во издание на НБРМ

Објавено

на

„Влијанието на политиката на квантитативно олеснување на ЕЦБ врз капиталните текови во регионот на Централна, Источна и Југоисточна Европа“ од гувернерката на НБРМ, д-р Анита Ангеловска-Бежоска, м-р Ана Митреска и д-р Султанија Бојчева-Терзијан.

Овој материјал е обид за емпириска оцена на ефектите од политиката на квантитативното олеснување на ЕЦБ врз капиталните приливи во земјите на Централна, Источна и Југоисточна Европа.

Со оглед на трговската и финансиската поврзаност на овие земји со еврозоната, би се очекувало дека креираната ликвидност од страна на ЕЦБ ќе предизвика и зголемување на обемот на нивните капитални приливи. Оваа хипотеза, авторките на работниот материјал, емпириски ја тестираат преку оцена на ефектите од промените во билансот на ЕЦБ врз одделните видови капитални приливи во избраната група земји.

Наспроти првичните очекувања, резултатите презентирани во материјалот, не ја потврдуваат оваа врска, но покажуваат значително влијание на одредени фундаментални фактори, како што се доходот и каматните стапки, врз капиталните приливи во регионот. Воедно, оцените упатуваат на негативно влијание од глобалната криза врз приливите на капитал, што веројатно и оневозможува поголем ефект од монетарното олеснување на ЕЦБ. Единствен исклучок е надворешното задолжување на државата, што се совпаѓа со контрацикличната фискална политика и растот на јавниот долг по избувнувањето на глобалната криза.

Повеќе информации може да најдете тука.

Продолжи со читање

НБРМ

Покана за 30. сесија на Клубот на истражувачите

Објавено

на

На 26 септември 2018 година (среда), во просториите на Народната банка на Република Македонија, со почеток во 14 часот, ќе се одржи 30. сесија на Клубот на истражувачите.

Доколку сакате да презентирате Ваш работен материјал на оваа сесија на Клубот на истражувачите, Ве молиме да се пријавите со доставување на материјалот на е-адресата: info@nbrm.mk, најдоцна до 5 септември 2018 година (среда).

Сите заинтересирани за присуство на оваа сесија на Клубот на истражувачи, можат да го најават своето присуство најдоцна до 25 септември 2018 година (вторник) на е-адресата: info@nbrm.mk.

Напоменуваме дека зачленувањето во Клубот е од отворен карактер, за што подетаљни информации можете да видите на веб-страницата на НБРМ  www.nbrm.mk, во делот Клуб на истражувачи.

Продолжи со читање
P2_P_MK_300x250
[ccpw id="39761"]

Популарно

Copyright © 2018 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange