Connect with us

Интервјуа

Интервју со адвокат Маја Ристова: Банкарите најмногу се жалат на “вертикален” мобинг

Објавено

на

Разговараме со адвокат Маја Ристова, магистер по правни науки, адвокат и менаџер на Адвокатската канцеларија “Ристова”. За многумина е препознатлива како експерт во областа на заштита од вознемирување на работното место (мобинг), поради нејзиното завидно искуство во оваа проблематика. Во оваа област била правен советник во Канцеларијата за помош и едукација на жртвите на мобинг при Сојузот на синдикатите на Р.Македонија, а подоцна и тренер и обучувач на национални и меѓународни работилници за мобинг, дел од работната група за изработка на посебниот Закон за заштита од вознемирување на работното место, учесник на бројни тренинзи во земјата и во странство. Денес сеуште тренира и едуцира институционален кадар и правно застапува жртви на мобинг.

 

При разговорот, адвокат Маја Ристова ни одговори на неколку прашања кои ќе им бидат од голема корист на граѓаните.

 

Банкарство: Во нашата законска регулатива може да се забележат две дефиниции за мобингот. Зошто е тоа така и која е вистинската дефиниција т.е. што всушност значи мобинг?

 

МAJA РИСТОВА: До донесување на посебен Закон за заштита од вознемирување на работното место, во мај 2013 година, мобингот беше, и сеуште е, регулиран во Законот за работните односи, кој овој термин го дефинира/ше како психичко вознемирување на работното место, кое се повторува и трае најмалку во период од 6 месеци…Со донесувањето на посебниот закон, мобингот има пошироко дефинирање и тоа како психичко и/или полово вознемирување на работното место, за кое не е предвидена временска рамка за повторување и траење (што не беше случај претходно), а претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработениот и предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место.

Така, точно е дека од 2013 година постојат две дефинирања на мобингот, кои во мал, но значителен дел, меѓусебно се разликуваат. Тоа е поради неусогласеност на законската регулатива, односно недонесување измени во овој дел на Законот за работните односи. Меѓутоа, од причини што постои lex specialis закон, постапките од оваа материја исклучиво се иницираат врз основа на Законот за заштита од вознемирување на работното место, за кој кажавме претходно дека мобингот го препознава во две форми, како психичко и полово вознемирување, за кое не е потребен временски период на повторување и траење за да може да кажеме дека се работи за мобинг.

 

Банкарство: Долги години се занимавате со оваа проблематика, па Ве молам кажете ни дали сте имале случаи на мобинг во финансиските институции и ако одговорот е позитивен, на што најмногу се жалат жртвите?

 

МAJA РИСТОВА: Првите искуства во оваа проблематика почнав да ги стекнувам како Комисиски член во Канцеларијата за помош и едукација на жртвите на мобинг, која беше дел од Синдикатот на финансиски дејности на Македонија во ССМ. Ова подразбираше дека, како Kомисија, во прв план бевме достапни за членовите на овој Синдикат, односно вработени лица во финансиските институции.

Лицата кои бараа и сеуште бараат помош се жалеа на т.н. “вертикален” мобинг или вознемирување од страна на претпоставените, поради доделувањена прекувремени работни задачи со кратки рокови за извршување, изолирање, често и тенденциозно прераспоредување, исклучување од тековни настани, особено од обуки за доусовршување и доквалификација, пуштање афери и полувистини пред останатите колеги и надворешни соработници и сл.

 

Банкарство: Што ги советувате овие лица? Кои механизми да ги превземат за да се заштитат?

 

МAJA РИСТОВА: Секогаш советувам споровите да се решаваат вонсудски, доколку истото е можно. Законот за заштита од вознемирување на работното место, освен писменото предупредување кое се упатува до вознемирувачот, предвидува и постапка за посредување, која е интерна, брза и ефтина можност за разрешување на овие ситуации. Преку оваа постапка жртвата нема да трпи дополнителни неизвесности и вознемирувања кои произлегуваат од судската постапка, а настанатиот спор ќе остане во кругот на работната организација. Секако дека доколку нема интерес за постапката за посредување или доколку истата е неуспешна, многу подобро е жртвата да побара судска заштита отколку да се откаже и помири со тоа што е вознемирувана.

 

Банкарство: Кои докази се потребни за иницирање на постапка за заштита од мобинг?

 

МAJA РИСТОВА: Смс пораки, мејлови, поднесоци, медицинска документација, мобинг дневник, преписки од мобилни апликации, сведоци, се докази кои може да се употребат во овие постапки. Важно е да напоменам дека со овие докази потребно е само да се стори веројатно постоењето на вознемирување на работното место, додека пак во текот на судската постапка товарот на докажување е на страната на тужениот, односно вознемирувачот е оној кој докажува дека не вознемирувал.

 

Банкарство: Како би се охрабриле жртвите да го кренат гласот против вознемирувачот? Постои ли некаква заштита за овие лица кога започнуваат постапка?

 

МAJA РИСТОВА: Да, законодавецот размислувал во оваа насока, па затоа во член 28 и член 30 од посебниот закон го предвидел истото. Така, ако на вработениот кој смета дека е изложен на вознемирување на работното место, според мислењето од овластена здравствена установа која врши дејност медицина на трудот, му е нарушена здравствената состојба поради вознемирување на работното место, работодавачот е должен до завршување на постапката за заштита од вознемирување на работното место, вработениот привремено да го премести во друга работна просторија. Исто така, поведувањето на постапка за заштита од вознемирување на работното место, како и учеството во таа постапка како сведок, не може да биде основ за ставање на вработениот во понеповолна положба во поглед на остварување на правата и обврските од работен однос, поведување на постапка за утврдување на дисциплинска, материјална и друга одговорност на вработениот, откажување на договорот за вработување, односно престанок на работниот однос на вработениот од деловни причини, во рок од две години од денот кога е поведена постапката за заштита од вознемирување  или од денот кога учествувал како сведок во постапка за заштита од вознемирување на работното место.

 

Банкарство: На крајот, што би ги посоветувале нашите читатели, во случај да бидат вознемирувани на работното место?

 

МAJA РИСТОВА: Секој кој мисли дека е жртва на вознемирување на работното место, потребно е најпрвин да се осигури дека навистина се работи за вознемирување. Тоа може да го направи ако се информира и консултира со стручни лица. Да ги чува и дополнително прибира докази за вршеното вознемирување. Да се обиде да разговара со вознемирувачот или претпоставениот на вознемирувачот, доколку има. Да побара помош од Секторот за управување на човечки ресурси и/или Синдикат, ако е член. Да иницира вонсудска и/или судска постапка, или било што друго да направи, но во никој случај да не молчи и трпи психолошки терор.

Интервјуа

Интервју со г-дин Бернд Ахац, член на Управниот одбор на Винер Лајф

Објавено

на

Г-динот Бернд Ахац, Член на Управниот одбор на Винер Лајф, со својот одличен менаџерски потенцијал и долгогодишното искуство во финансиите, успеа да внесе австриски шмек во компанијата која беше основана во 2010 година и за само неколку години од неа да создаде една од најдобрите и најпрепознатливи компании за животно осигурување во Р.Македонија, која во својата палета нуди широк спектар на производи кои што се достапни и прифатливи за секој граѓанин.

Своето образование г-дин Ахац го има стекнато на Универзитетот Алпен Адриа Клагенфурт во Австрија, каде се стекнал со титулата доктор на науки од областа на трговијата. Својата професионална кариера ја започна во 2000 година во Австрија како финансиски аналитичар во компанијата Флекстроникс, од областа на ЕМС (electronic manufacturing services) за Централна и Источна Европа (CEE). Стигнува до позицијата финансиски директор на Корпоративниот Центар за управување со ликвидност во регионот на Централна и Источна Европа, пред да одлучи да ја напушти компанијата.

Во 2005 година г-дин Ахац беше еден од одговорните менаџери за стартување банкарски и лизинг бизнис во Црна Гора за Хипо Алпе Адриа Груп.

На крајот на 2008 година, заедно со глобалната финансиска криза г-дин Ахац е прераспределен на позицијата CEO, а подоцна и CFO на Хипо Алпе Адриа Лизинг ООД во Софија, Бугарија.

Во мај 2010 година Ахац е дел од управниот одбор на  Хипо Алпе Адриа Лизинг Тов (ДОО) во Киев, а подоцна во 2011 како CFO e член на Хипо Алпе Адриа Лизинг ДООЕЛ.

Во 2012 година, трите земји беа ставени под капата на регионалниот менаџмент или кластер менаџмент HETA, каде г-дин Ахац ја извршуваше функцијата COO, заедно со претходно наведените работни позиции во соодветните локални компании.

Во последниот квартал од 2013 година, г-дин Ахац својот потенцијал го посветува на ВИНЕР ЛАЈФ VIG во Македонија и стапи на функцијата, како член на Управниот одбор, на позицијата која ја извршува и денес.

Поразговаравме со г-динот Ахац за енормниот раст на Винер Лајф на македонскиот пазар во изминатиот период. Особено акцент се стави на банкоосигурувањето, кое е се поактуелно во последниов период.

Банкарство: Во 2010 година беше основана осигурителната компанија Винер Лајф. Од тогаш па се до денес, компанијата бележи континуиран раст, како во пазарното учество, така и во оcигурителните производи и услуги кои ги нуди. Што ве разликува како компанија од конкуренцијата?

Бернд Ахац: Верувам дека прашањето што го поставивте е всушност клучното прашање кое секоја компанија мора да си го постави и да отпочне со работа со полна пареа. Нашата стратегија од самиот почеток беше да ги задоволиме клиентите со докажани услуги на највисоко ниво во индустријата. Не се водевме по актуелните понуди во земјата, туку можностите во меѓународната индустрија. Со други зборови, погледнавме во нашата групација за да ги идентификуваме производите и услугите кои добро функционираат и резултираа со високо задоволство кај корисниците. Направивме прилагодувања за да постигнеме совпаѓање со локалните потреби и соодветно ги имплементиравме производите.

Она што го научивме е дека во осигурителната индустрија, особено во индустријата за животно осигурување, каде што осигурувањето е многу лична работа, не само што се важни покриеноста и бројките,  туку и начинот на кој услугата може да се понуди. Почнувајќи од првата точка на продажбата, па се до плаќањето по доспевање или настанувањето на осигурен случај, целиот процес и ланец на услуги е важен.

На овој начин, бевме првата компанија која го понуди производот Лајф Инвест (Unit Linked) во Македонија. Овој производ, дизајниран по најсовремените стандарди, а сепак базиран на локален македонски фонд управуван од WVP , а од друга страна поседувајќи интернационални удели во портфолиото, беше одлично прифатен од страна на нашите клиенти.

Да заклучиме, нашата стратегија е да бидеме првиот двигател на пазарот и да ја отвориме вратата за меѓународните стандарди.

Банкарство: Во последно време се поактуелно е банкоосигурувањето. Вие како компанија, влеговте во стратешко партнерство со Шпаркасе Банка Македонија. Секој кој ќе подигне потрошувачки кредит од банката “С-план”, ќе добие животно осигурување сo штедна компонента. Ова е прв ваков производ на пазарот. Може ли накратко да ни ги објасните какви се бенефициите за клиентите од овој пакет?

Бернд Ахац: Банкоосигурувањето е еден од столбовите на нашата стратегија. На ова поле, всушност бевме предвреме на пазарот, бидејќи пазарот на почетокот се уште не беше подготвен. Сега производите на банкоосигурувањето се еден од најголемите двигатели на раст во осигурувањето на живот. Ние нудиме покриеност за потрошувачки и хипотекарни кредити. Се разбира, покрај тоа, целиот спектар на нашите производи може да се најде и во Шпаркасе банка, како што е 3Д класично животно осигурување, дополнително животно осигурување, семеен премиум како и останатите наши производи.

Се чини како логично правило за мене, дека секој пат во животот – без разлика дали со деловни или приватни напори – носење на одлука значи да се измери потенцијалниот ризик наспроти очекуваните придобивки. Општо земено, кога земаме заем во банка за да ги покриеме нашите приватни средства, како станови, автомобили и други добра за широка потрошувачка кои ни се потребни или ги посакуваме, отплатата на истите треба да се обезбеди. Ова е прашање кое не сакаме да го базираме на шпекулации, дали ќе може да се врати кредитот или не. Значи, мерките за спротиставување на секој ризик поврзан со него, имаат смисла.

Главно зборуваме за осигурување од ризик на прво место. Заедно со тоа, никој не сака да биде оптеретен со голем дел од бирократијата при купување на осигурување. Банкарските и осигурителни производи се нудат во one stop shop решение. Клиентот го прави целиот договор во банка. Ова е она што го прави банкарското осигурување толку погодно за клиентите.

Банкарство: Објаснете ни како корисникот всушност успева да заштеди пари со самата исплата на кредитот.

Бернд Ахац: Во право сте, С-план е првиот производ на македонскиот пазар, каде што заедно со покривањето на преостанатиот износ на кредитот, корисниците воедно заштедуваат пари. Ние сме исклучително горди на тоа, бидејќи тоа е прв пат на пазарот, еден производ да биде со двојна корист за клиентот! Во исто време ќе добиете покриеност на ризик и заштеда, прилагодено со Шпаркасе банка, нашиот сигурен партнер за соработка!

Основната идеја е да се комбинира ризико осигурување во случај на смрт со опаѓачка осигурена сума со мешовито осигурување на живот. Најдовме точка, каде комбинацијата на ризико осигурување во случај на смрт со опаѓачка осигурена сума и мешовито осигурување на живот со фиксна осигурена сума, се вкрстуваат во производ, каде што акумулираната заштеда за времетраењето на кредитот од банка покрива, во зависност од времетраењето и возраста на клиентот,  повеќе од реалната премија за осигурувањето на ризик.

Исто така, тука би сакал уште еднаш да истакнам една важна точка во врска со банкоосигурувањето. Банкоосигурувањето е најпријателски настроено кон клиентот, бидејќи целиот административен товар кој е на клиентот е преземен од страна на експертот во банката, било да е тоа консултација или е со користење на софтверски решенија кои водат кон фактот дека клиентите не треба два пати да одговараат на исто прашање. Едно место и договорот е склучен.

Како што може да видите,  технички производот не е лесно да се објасни со неколку зборови, но резултатот е. Тоа е најевтиниот начин да се купи животно осигурување со покриеност на ризик и заштеда во исто време!

Банкарство: Која е важноста еден граѓанин да има животно осигурување?

Бернд Ахац: За ова прашање како одговор би сакал да ја споделам мојата лична гледна точка. Животното осигурување покрива неколку работи за мене. Како прво, ме ослободува од оставање на товар на моите сакани во случај да ме нема. Јас имам осигурување кое ќе истече кога ќе наполнам 65 години. Во исто време, гледајќи во мојата иднина како пензионер, ме ослободува од прашањето и стравот како ќе изгледа мојот финансиски живот по мојот работен век. За мене можам да кажам дека сум мошне активна и спортска личност, каде што, да бидеме реални, животното осигурување со дополнително осигурување во случај на траен инвалидитет ќе отстрани некои мои грижи, што би се случило во случај на инвалидитет, барем од финансиска гледна точка.

Последно, но не и најмалку важно, животното осигурување, особено мешовитото животно осигурување е важно, бидејќи ви дава повеќе опции во животот. Ако нешто се случи, вие сте покриени, ако ништо не се случи, ќе добиете пари исплатени на крајот за да уживате!

Банкарство: Се школувате во Австрија, долго сте живееле во Украина и Бугарија и сега сте во Македонија. Која е разликата во перцепцијата на луѓето за животното осигурување во сите овие држави?

Бернд Ахац: Повеќе би сакал да зборувам за сличностите на перцепцијата на луѓето од споменатите земји. Верувам дека доживуваме промена од малку “фаталистички” став кон неизвесностите што ги има иднината за сите нас, до пооснована и рационална одлука за тоа како да се справиме со потенцијалните ризици. Во последните неколку години полесно е  отворено да зборуваме не само за пријатните настани кои може да ни се случат, како и да најдеме начин  како да се справиме со нив. Ова се случува затоа што сега имаме повеќе алатки за заштита со кои можеме да ги искористиме. Животното осигурување е една од мерките што е се повеќе и повеќе прифатена во сите земји што ги спомнавте, за да се избегне потенцијалното влијание врз нашиот живот и животот на нашите семејства.

Доколку се направи споредба со Австрија, може да видите дека со текот на годините, животното осигурување со учество од 34% во 2017 година го има освоено првото место од сите категории на осигурување. Оваа бројка треба да се земе  предвид наспроти позадината на економскиот развој на пазарите, но тоа дава индикација за потенцијалот на животното осигурување во текот на годините. Овој позитивен развој во Македонија може да се забележи врз основ на импресивните стапки на раст на животно осигурување, каде што банкарското осигурување стана значаен двигател.

Банкарство: Винер Лајф е ориентирана кон иновации и максимално задоволство на клиентите. Што да очекуваме од Вас како компанија во периодот што претстои?

Бернд Ахац: Да ги слушаме нашите клиенти и нивните потреби и ако ја работиме нашата работа правилно, дури и да ги предвидиме нивните идните предизвици на оваа многу брза планета и да ги формулираме вистинските одговори.

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју со Дарко Дедиќ: Заштеда, заштита и инвестиција со производот Лајф Инвест (Unit Linked) на Винер Лајф кој отсега нуди уште поповолни услови

Објавено

на

Со своето речиси 20 годишно искуство во финансиите, г-динот Дарко Дедиќ, Претседател на Управниот одбор на Винер Лајф, успеа од компанијата да создаде претпознатлив бренд со производи кои што се достапни и прифатливи за секој граѓанин на Македонија.

Поразговаравме со г-динот Дедиќ за растот на Винер Лајф на македонскиот пазар во изминатиот период. Особено акцент се стави на производот Лајф Инвест (Unit Linked) со кој се овозможува заштеда, заштита и инвестиција за секој осигуреник, а од 01.06.2018 година производот е доусовршен со што станува уште поповолен за осигурениците. (more…)

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју со Христина Џамбазовска Анастасов: Внимателно го градиме нашиот тим и вложуваме во развојот на квалитетен млад кадар во Македонија

Објавено

на

Водечката компанија за животно осигурување во Република Македонија, Кроациа Осигурување – Живот АД Скопје, неодамна започна Проект за едукација на млади лица кои се на самите почетоци на својата кариера.

Проектот „Вештини за успех“, реализиран во соработка со една од водечките компании за развој на човечки ресурси DEKRA Arbeit Group, има за цел да понуди висококвалитетна обука за унапредување на комуникациските вештини, развој на вештини за водење преговори, како и стекнување на практично знаење за функционирањето на финансискиот пазар. Директорот на Сектор за деловни операции во Кроациа Осигурување – Живот, Христина Џамбазовска Анастасов ги детектира ефектите на проектот, состојбите на пазарот на труд во Македонија, како и стратегијата за едукација и мотивација на вработените во оваа компанија. (more…)

Продолжи со читање
P2_P_MK_300x250
[ccpw id="39761"]

Популарно

Copyright © 2018 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange